Гордите холивудски татковци и нивните прекрасни ќерки

22 август 2014

Децата на познатите холивудски личности славата на родителите ја наследуваат од мали нозе. Созревањето пред камерите и фотобјективите на папараците иако навидум изгледа гламурозно, сепак не е толку „розово“ и едноставно. Пред извесно време ве запознавме со познатите татковци и нивните убави синови, а денеска на ред се ќерките. И кој вели дека ќерките во поголем број случаи личат на своите мајки. Тоа апсолутно не е точно. Еве кое е вистинското богатство на славните татковци:

Актерот кој скрши милиони срца ширум светот, Џони Деп, ја има својата ќерка Лили Роуз. Тој во неколку наврати се потруди да ја заштити приватноста на својата најмила од упорните фотографи, но се чини дека не успеа во својата мисија. Убавата Лили Роуз која рака на срце повеќе личи на сега веќе поранешна сопруга Ванеса Паради, одлучи да тргне по стапките на татко и ѝ да стане актерка. Петнаесетгодишната ќерка на Деп и Паради ја доби својата прва главна улога во филмот, каде ќе глуми заедно со татко ѝ и на тој начин го привлече вниманието на јавноста.

Лили Колинс, ќерката на Фил Колинс плени со неверојатна убавина и женственост. И покрај фактот што татко ѝ никогаш не важел за некој убавец сепак, Лили е навистина прекрасна. Таа има 25 години и веќе е на добар пат да изгради ѕвездена кариера во Холивуд. Своето деби на филмското платно го имаше во филмот „Огледалце, Огледалце“, каде ја глумеше улогата на Снежана, играјќи заедно со легендарната Џулија Робертс.

Таткото на Доминик, важи за еден од најпосакуваните актери во Холивуд. Веќе погодувате, станува збор за шармантниот Енди Гарсија. Целосно обземена од моќта на филмската магија и Доминик одлучи да ги следи стапките на нејзиниот татко. Таа пред неколку дена наполни 31-на година, а нејзино најголемо филмско остварување се смета филмот „Градски остров“ каде игра заедно со нејзиниот татко.

Следната девојка на листата е Дакота Џонсон. За неа уште од мали нозе се знаеше дека ќе биде актерка, ако се земе во предвид фактот дека нејзини родители се Дон Џонсон и Мелани Грифит. Дакота има 25 години и неколку одлични актерски филмски остварувања, меѓу кои како последно е нејзината улога на Анастасија Стил во филмската адаптација на романот кој предизвика бурни реакции кај јавноста, „Педесет нијанси на сиво“.

Пред извесно време пишувавме за неодоливиот син кој го има Арнолд Шварценегер. Она што не знаете дека тој има и ќерка. Кетрин Шварценегер за разлика од претходните девојки, одбра еден сосема поинаков животен пат. Наместо да го искористи фактот дека татко и е познат актер, таа работи на својот интелект. Кетрин има 24 години и веќе ја издаде својата прва книга која зборува за самопочитта.

Клинт Иствуд има шест деца од пет различни жени. Она што е карактеристично за неговите миленички е што се многу убави. Имено тој има три ќерки Кетрин, Франческа и Морган. Франческа (21) и Морган (18) имаат заедничко реално шоу, а додека Кетрин која има 26 години има одиграно неколку епизодни актерски улоги.

Замислете како би изгледало кога Лени Кравиц би ви бил татко. Зои, неговата ќерка беше приморана да расте пред очите на „досадните“ фотографи. Но, и покрај целата еуфорија околу приватниот живот на музичарот, сепак, Зои мошне храбро се соочи и мошне зрело го прифати „бурниот“ начин на живот кој заради славата и беше наметнат. Црномурестата убавица има 25 години и е вистински мултиталент. Во филмскиот свет е позната по улогите во филмовите „Калифорникација“ и „Икс луѓе“, а модните писти ги освои уште од мали нозе. Нејзиното време со сигурност допрва доаѓа.

Зелда Вилијамс е ќерка на прерано починатиот актер Робин Вилијамс. Таа се труди да се пробие во светот на филмот, меѓутоа наместо да го користи своето познато презиме, како свој адут го наведува неверојатниот талент. Зелда, глуми во независни филмови и се покажа како навистина одлична актерка. Сепак, има 25 години и уште многу време за да прерасне во спектакуларна актерка.

Русокосиот актер со божествено тело Долф Лундгрен има две преубави ќерки Ида и Грета. Грета е уште мала, но затоа Ида има 18 години и плени со својата убавина. Гордиот татко неодамна на една од своите филмски премиери дојде со своите наследнички. Тие две сè уште не покажуваат некои особени предиспозиции кон филмот, но сепак е рано за да се каже со сигурност.

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Сцена