Хари и Меган на насловна на „Тајм“: Сите зборуваат за тоа зошто таа стои пред него

24 септември 2021

Магазинот „Тајм“ неодамна ја објави новата насловна стран на која се наоѓаат принцот Хари и Меган Маркл, како едни од највлијателните луѓе во светот.

Двојката е наградена во категоријата „икони“ со објаснување дека нивното влијание во светот е немерливо.

„Во свет каде секој има мислење за луѓето што не ги познава, војводата и војвотката покажуваат сочувство и емпатија за луѓето што не ги познаваат. Движењето во акција не е лесен избор нив, кои се родени под среќна ѕвезда, со талент и став. Би било многу посигурно да уживаат во својата среќа и да молчат. Но, Хари и Меган не го прават тоа. Тие своето силно сочувство го претворија во фондација „Аrchewell“. Тие им даваат глас на безгласните. Рака под рака со непрофитни партнери, тие преземаат ризик за да им помогнат на заедниците со различни потреби - нудејќи поддршка за менталното здравје на жените и девојчињата со темна боја на кожа и хранејќи ги погодените од природни катастрофи во Индија и на Карибите“, се вели во дел од текстот кој за нив го пишува Хосе Андрес.

Иако Хари и Меган се единствената кралска двојка на годинашната листа, не е првпат член од британското семејство да се најде на листата на 100-те највлијателни според „Тајм“. 

Но, нивната хуманитарна работа не е она за што се зборува  најмногу по објавувањето на насловната, туку фотографијата на која Меган стои пред Хари, а тој е потпрен на нејзините раменици.

Главна тема е зошто не се обратно наместени, бидејќи „да не е тој, таа нема воопшто да има такво внимание“, „Зошто жена стои пред мажот“, „Ова е класичен пример за нивната врска“, „Поправете го насловот - Принцот Меган и Хари“, се само дел од коментарите.

Веројатно ваквите коментари не треба да будат изненадување, ако се земе предвид дека конзервативните шаблони, размислувања, се' уште се присутни, па и доминантни според одредени аналитичари.

Токму затоа, според многумина, овој распоред на личностите на фотографијата е погрешен... И принцезата Дајана стоеше пред Чарлс на еден од нивните најпознати портрети, но тогаш тоа не ѝ пречеше на публиката, бидејќи Дајана беше обожувана од народот, но на кралското семејство и Чарлс - да. 

Но, и покрај тоа што коментарите за Меган и Хари се рефлексија на одредени сфаќања, сепак факт е дека двојката ништо не прави случајно, па ниту оваа фотографија е таква. 

Тие одлучија да си поиграат со општествените патерни, традиционалните сфаќања и воспитание, па принцот Хари покажа дека не му е проблем да застане зад жена, во поза која покажува дека таа е личноста на која тој се потпира, таа е неговиот столб и покрај тоа што многумина би очекувале да биде обратно. 

Сето ова може да се нарече и маркетиншки трик, но од друга страна, зарем навистина е толку погрешна „позата“?

Секако дека не, бидејќи нештата се менуваат и нема ништо лошо во тоа жена да биде столб на мажот, како што нема ништо лошо и во обратната комбинација.

Можеби најголемиот проблем овде е што се работи за Меган, која и покрај сите напори, не успева да ги добие симпатиите од јавноста, посебно не британската. Да се најдеа Амал и Џорџ Клуни, или Кетрин Зета Џонс и Мајкл Даглас или било кој други познат пар во светски рамки, реакциите веројатно немаше ни да ги има, или барем не во оваа мера.

 

Објавено:
24 септември 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
6.535 пати