Интервју Дејвид Бекам: Не користев дублер за рекламата на H&M

30 јануари 2014

„Дејвид Бекам и H & M низ годините станаа одлична двојка, а јасно е дека нивното партнерство сѐ уште е исклучително силно откако Бекам замина во пензија“, вака руското издание на модниот портал Буро 24/7 го започнува ексклузивното интервју што го направи со светски познатиот фудбалер.

Најновиот проект на Бекам за шведскиот моден ланец е забавната телевизиска реклама за поддршка на пролетната колекција Bodywear. Кампањата ја сними режисерот Николас Виндинг Реф, познат по филмовите „Drive“ и „Only God Forgives“, а кампањата ќе ја доживее својата премиера за време на американскиот Super Bowl на 2 февруари.

Во продолжение прочитајте дел од интервјуто на еден од најпосакуваните мажи на планетава – неодоливиот Дејвид Бекам.

Кажете ни нешто повеќе за новата кампања за H & M за Bodywear колекцијата?

Толку добро се забавував изминатава година со Гај Ричи, но овојпат сакав да си ги поместам сопствените граници и да видам што можам повеќе од ова. Отсекогаш ми се допаѓала работата на Николас и едноставно се воодушевив кога тој прифати да ја работи мојата нова кампања. Од самиот почеток барав приказна полна со акција, но и добар хумор, каде јас ќе можам да ги одглумам сите акциски сцени.

Што најмногу ви се допаѓа во работата на Николас Виндинг?

Неговите филмови се толку неверојатно напнати и полни со акциски сцени, но воедно имаат и многу стил. Тој успева да спакува толку многу работи во еден филм, се чини без нималку труд. Кога размислував за совршен режисер за новата кампања, знаев дека тој ќе биде најдобриот кандидат.

Каква приказна се крие зад рекламата?

Рекламата се одвива во фотографско студио во источен Лондон. Студиото се наоѓа на горниот кат од зградата, па за време на паузите одам кон покривот за да земам малку воздух. Вратите се затвораат, а јас останувам заклучен на покривот само во долна облека и пуловер. Морам да направам сѐ што е во моја моќ за некако да се спуштам од покривот.

Какво е чувството да ги одработувате сам сите акциски сцени?

Тимот напорно работеше за да создаде приказна во која јас се појавувам во секоја сцена. Научив многу за работата и подготовките што се вложуваат и во наједноставната сцена. Потребно е многу голема соработка од целиот тим за работата да се одвива добро и сето тоа да изгледа природно. Бев нервозен, но знаев дека бев во добри раце, а кога снимивме сѐ, бев многу воодушевен.

Кажете ни нешто за новата пролетна Bodywear колекција?

Во неа воведовме многу различни стилови. Многу ми се допаѓаат ригите што одлично и прилегаат на долната облека, но ми се доапаѓаат и спортските парчиња и пуловерите. Креиравме и нова поло маичка и наметка со долги ракави со интересна буква Б на грбот. Ми се допаѓа тоа што дизајнерите земаа идеи од винтиџ парчињата и истите ги правеа свежи и сосема нови.

Што е со колекцијата што не е поврзана со сезонава – дали сѐ уште е достапна?

Секако. Во Bodywear колекцијата се наоѓа и нејзината срж – колекција од парчиња кои секогаш ќе бидат достапни без оглед на сезоната. Сакав да создадам колекција на која мажите секогаш ќе можат да се потпрат без оглед на сезоната и која ќе им биде достапна без оглед на локацијата во светот.

Што мислите за реакциите што ги предизвика вашата колекција?

Воодушевен сум од успехот што колекцијата го постигна од моментот кога ја лансиравме во 2012 година. Во тој момент беше необично да се креира колекција што се заснова на крој и удобност, отколку на бренд. Многу сум среќен што мажите ширум светот одлично реагираат на колекцијата. Тоа ми покажа дека донесов добра одлука и дека мажите навистина бараат обновена класика за својата гардероба.

Што е следно за David Beckham Bodywear?

Една од најзабавните работи при креирањето на колекција е размислувањето за новите парчиња што можеме да ги вклучиме во неа. На пример, обожавам удобни парчиња во кои можам да се опуштам кога сум дома. Размислував долго пред да додадам било какво парче во колекцијата бидејќи сакаме сѐ да биде идеално. Следното лето пристигнува нешто сосема ново и возбудливо и едвај го чекам моментот кога тоа ќе го споделам со јавноста.

Објавено:
30 јануари 2014
Категорија: 
Сцена