Ирина Шајк ужива во новите модели чевли на Via Spiga

22 август 2014

Италијанскиот моден бренд  Via Spiga, именуван според една од најпознатите шопинг улици во градот кој е лулка на модата, Милано веќе неколку години е синоним за софистициран стил, внимателно одбрани материјали и женствен чекор кој секако нема да остане незабележан. Оваа модна куќа која изработката на чевли ја доведе до перфекција и секоја сезона ги плени и најприбирливите женски аспирации, вчера ја промовираше  рекламната кампања за најновата есенска колекција обувки, во која заштитно лице е долгоногата руска убавица, Ирина Шајк.

Колекцијата вбројува модели на чизми до глужд и класични елегантни чевли на висока потпетица. Шеесетите години на минатиот век беше инспиративниот стимул кој беше и главен двигател за изработка на овие префинети дизајни. Прекрасната синоока манекенка позираше пред фотообјективот на Мајлс Олдриџ кој остана нем на нејзината убавина.

„Одлучив сценографијата да биде на бела основа, значи едноставен празен простор, кој дополнително ќе ја истакне убавината на Ирина. Додадов ленти во зелена и црвена боја за да ја разбијам монотонијата на чистиот ентериер, но сакав да внесам и свежина во самиот простор. Како резултат на инвентивните миксови и композициите на графички форми каде фокусот е центриран само околу Ирина, постигнав неверојатен ефект кој е карактеристичен во филмските фотографски кадри на Микенланџело Антонини, но потсетува и на апстрактните уметнички слики од 1960-тите години“, отрива фотографот Олдриџ.

 

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Сцена