Јелена Вељача ги отвори вратите на својот плакар...

17 јули 2014

Ако постои гардеробер во кој од секогаш сме сакале да ѕирнеме, тоа сигурно би бил плакарот на хрватската икона на стилот, Јелена Вељача. Познатата сценаристка и актерка поседува навистина уникатни и невообичаени модни парчиња што секоја дама би сакала барем еднаш да ги облече.

Вељача важи за една од најпознатите трендсетерки која на свечените настани и манифестации секогаш се појавува во тоалети потпишани од дизајнерски имиња како Алберта Ферети и Филип Лим. Сепак наш фаворит од фотографиите е белиот фустан со реси кој е комбиниран со долг бел шал.

„Ова е венчаницата на мојата мајка и е најскапото и највредното парче облека кое го поседувам, навистина. Обожавам да ја носам“, открива Вељача.

Кога се во прашање модните додатоци, прво нешто на кое ни паѓа погледот е нејзината полица со чевли. Сандалите со отворена пета се нејзин омилен модел, но мошне често носи и класични чевли на висока потпетица, а знае да изненади и со рамни обувки или римјанки кои таа апсолутно ги обожава и се нејзин заштитен стилски знак веќе долги години.

Како и секоја жена, така и Јелена обожава убав и блескав накит. Најдраги и се парчињата накит од злато и сребро на модната куќа Миу Миу. Сака оригинални и масивни  дизајни кога е во прашање накитот. Со чантите не сака многу да експериментира. Во зависност од комбинацијата редовно можеме да ја видиме со нејзината омилена Шанел чанта. Актерката поседува неколку чанти од истиот модел само во различни бои и одлично ги вклопува како во нејзините вечерни, така и во нејзините дневни изгледи.

Јелена Вељача е тип на жена која ужива во класичните парчиња, вкусно зачинети со доза на гламур и елеганција, софистициран и префинет дизајн и впечатлив накит, модна комбинација која со сигурност нема да помине незабележано.

Објавено:
17 јули 2014
Категорија: 
Сцена