Како трите најбогати жени во светот станале богати?

22 септември 2020

Ниту една од нив не го стекнала богатството сама. Се работи за наследени пари и бизниси. Сепак, не може да се рече ниту дека не се успешни деловни жени.

Од друга страна, имајќи го предвид богатството, неретко се дел од хуманитарни акции. 

Ова се трите жени кои се на врвот на листата на најбогати во светот.

 

Мекензи Скот

Богатство: 63 до 67 милијарди долари

Мекензи исплива на врвот на оваа листа благодарение на најскапиот развод во историјата. Откако Џеф Безос, основачот на „Амазон“ одлучи дека не сака да биде веќе со неа и ја изневери после 25 години брак, таа одлучи да го „олесни“ неговото богатство за неколку милијарди. Инаку, богатството на Џеф се проценува на преку 180 милијарди долари, а Мекензи од разводот доби акции во „Амазон“ во вредност од 38,3 милијарди. Благодарение на короната, вредноста на акциите значително пораснала изминативе месеци, па нејзиното богатство сега се проценува помеѓу 63 и 67 милијарди. Минатата година таа стана дел од „The Giving Pledge“, иницијатива на Бил и Мелинда Гејтс, со која ултра богатите луѓе се обврзуваат да донираат половина од своето богатство во хуманитарни организации. Досега, нејзиниот филантропски фокус беа ЛГБТ здруженијата, родовата рамноправности и борбата против климатските промени.

 

Франсоаз Бетанкур Мејерс

Богатство: околу 65 милијарди долари

Оваа Французинка долго време се наоѓаше на врвот на листата, но Мекензи направи промена. Нејзиното семејно богатство почнува да се гради со почетокот на 20 век, кога младиот хемичар Еуген Шулер развил формула за бојадисување на косата која ја нарекол „Oreale“. Останатото е историја. L'Oreal групацијата е денес козметички конгломерат со големо портфолио брендови (Гарние, Ив Сен Лоран, Ланком...), а сопственичка на повеќето е внуката на Шулер, Фрасоаз Бетанкур Мејерс.

После ужасниот пожар во кој изгоре добар дел од париската катедрала „Нотр Дам“, оваа дама за нејзино реновирање донираше неверојатна сума од 226 милиони долари.

 

Алис Валтон

Богатство: Околу 61 милијарди долари

Откако во 1992 година од својот татко Сем Валтон, ги наследи акциите од на „Валмарт“ (синџир супермаркети чиј основач е токму Валтон), Алис се најде во самиот врв на листите на најбогати жени на светот. Таа живее во Тексас на ранч со коњи, има неверојатна колекција уметнички дела, а за своите хуманитарни подвизи не зборува и дејствува јавно. Живее повлечено, но работи интензивно, бидејќи се' уште успева да ја одржи својата позиција во врвот.

Објавено:
22 септември 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.475 пати