Новото, 75 издание на Канскиот филмски фестивал беше отворено вчера. После една година пауза, вчеравечер се отворија вратите за филмските уметници и останатите гости.

Годинашниот претседател на жирито е Винсент Линдон, а останатите членови на комисијата се иранскиот режисер Ашгар Фархади, норвешкиот режисер Јоаким Триер, потоа британската актерка и режисерка Ребека Хол, но и американскиот режисер Џеф Николс, индиската актерка Дипика Падукони, францускиот режисер Лаџ Ли и италијанската актерка Џасмин Тринка.

Почесна „Златна палма“ годинава ќе му биде доделена на Форест Витакер, а меѓу почесните гости (после „Оскарите“ и „Евровизија“)  беше и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Тој се вклучи преку видео повик, преку кој ги потсети присутните на војната во Украина.

„Сигурен сум дека диктаторот ќе попушти“, изјави Зеленски.

Кога е филмскиот дел во прашање, фестивалот е отворен со зомби филмот „Final Cut“, а за ова издание се планирани и премиерите на новиот „Топ Ган“, потоа „Elvis“, “Armagedon Time“, „Crimes of the Future Past“, „Tchaikovsky's Wife“...

Кога е модниот дел пак во прашање, мораме да бидеме искрени дека со нетрпение го очекувавме канскиот црвен килим, кој секогаш нуди беспрекорни модни изданија.

Европските фестивали нудат далеку пософистицирана модна естетика на овој тип настани отколку американските. Оттаму, ни оваа година не бевме разочарани од она што го гледаме. 

Нашиот апсолутен фаворит е актерката Ева Лонгорија.

Таа се појави во романтична креација со потпис на „Алберта Ферети“ , со транспарентни елементи, која фантастично ѝ прилега и е доказ како црната креација не мора да биде еднолична и може да привлече внимание.

Кога сме кај црното, токму оваа боја беше и изборот на Џулијан Мур. Истакнатиот струк, раскошното здолниште и длабоко V-деколте беше добитна комбинација за актерката која довербата му ја даде на брендот „Ботега Венета“.

Кетрин Лангфорд заблеска во сребрена креација на „Прада“ со огромна панделка во задниот дел.

Имаше и доста колорит на црвениот килим, па за креации во боја се одлучија Ребела Хол, која носеше креација на „Гучи“, потоа Лори Харви во жолта балска креација на Александар Вотје, а меѓу најзабележливите беше и комбинацијата во интензивни бои, која ја носеше Талија Сторм, а ја потпишува „Yannina Couture“.

Ребека Хол

Лори Харви

Талија Сторм

Интересна и несекојдневна беше и креацијата која ја носеше познатата турска актерка Меријем Узерли во форма на пеперутка.

За разлика од другите години доминираат волуменозни, таканаречени „торта“ фустани, но не можеме за ниту еден да кажеме дека е кич. Со природна шминка или класичниот црвен кармин, даваат сосема фин баланс.

Гламурозно изгледаше и младата Патриција Контретас, а храбар и впечатлив моден изглед прикажа и Диди Стоун во смелата секси креација на „Роберто Кавали“.

Патриција Котрерас

Диди Стоун

Како изгледаа останатите гости, погледнете во галеријата од почетокот од текстот.

Објавено:
18 мај 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.872 пати