Кич и мода без концепт на доделувањето на MTV наградите

9 ноември 2020

Мода без концепт, голотија, вулгарност, со ретки позитивни исклучоци, е генералната слика на „вонредниот" црвен килим на Европските музички награди (MTV Europe Music Awards) што се одржаа вчеравечер во рамки на виртуелна церемонија поради актуелната пандемија.

Сите настапи што беа вклучени во програмата, беа претходно снимани на различни локации низ Европа, а 27-то издание на церемонијата беше пренесуванo во живо во 180 земји ширум светот.

Домаќинки на шоуто беа девојките од женскиот поп бенд „Little Mix" (иако една отсуствуваше поради здравствени проблеми), додека пак Лејди Гага беше ѕвездата со најмногу номинации (дури седум) освојувајќи го признанието за Најдобар артист.

Јужнокорејскиот бој-бенд „БТС" освои четири статуетки, вклучително и за најдобра песна за „Динамит" и најдобра група, со што тие беа најнаградувани ова издание.

Кич и вулгарна мода

Во контекст на модниот избор на учесниците на годинешново неконвенционално издание на Европските музички награди, ѕвездите ја продолжија традицијата на кич и невкус, која станува се покарактеристична за оваа церемонија.

Зара Ларсон на пример која на почетокот на кариерата изгради имиџ на кул и урбана девојка, овојпат се појави во мини фустан без некој конкретен моден концепт освен што откриваше премногу. Таквиот стил го следа и повеќето млади ѕвезди што се појавија како номинирани или изведувачи.

 

Ситуацијата со ковид пандемијата сѐ уште ги држи во неизвесност и сите претстојни церемонии и манифестации во шоу-бизнисот, па нивниот концепт и форма на реализација не се однапред дефинирани.

Фото: Daily mail

Објавено:
9 ноември 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
947 пати