Раперот Канје Вест се најде помеѓу петте највлијателни луѓе за изминатата година според изборот на магазинот Тајм, а тој заедно со балерината Мисти Копланд, Бредли Купер, новинарот и писател Џорџ Рамос и судијката Рут Бадер Гинсбург ќе украсат пет насловни на магазинот.
На листата највлијателни луѓе за изминатата година се најде и сопругата на Канје, Ким Кардашијан Вест која доби дури и специјален напис од големата Марта Стјуарт во дел од магазинот.
За преседанот да биде уште поневеројатен, описот што Марта Стјуарт го дава за старлетата во магазинот, е феноменален. Она со што единствено се согласуваме од описот, е тоа дека Ким Кардашијан е дефинитивно еден од најголемите медиумски феномени на денешницата, но никако не се согласуваме дека истото го постигнала со напорна работа.
Сепак, она пред што дефинитивно не можеме да замижиме се фактите и бројките кои говорат дека оваа девојка има 29 милиони следбеници на социјалните мрежи, а нејзиното семејно шоу Keeping Up with the Kardashians го гледаат огромен број луѓе на планетава, иако во истото не е содржана ниту грам поучна програма.
Понатаму во описот, Стјуарт дава уште неколку причини за огромниот успех на старлетата, посочувајќи ја како егозитична убавица, сексапилна, драматична, неуморна и секогаш полна со енергија. За нејзиниот успех придонесе и нејзиното семејство кое секогаш е полно со интриги и драми, а секако тука не смееме да го заборавиме и домашното видео што ја вивна високо во ѕвездите.
За разлика од оваа девојка чија влијателност е секако неоспорна, но претерана и погрешна, нејзиниот сопруг е човек кој самиот ќе каже дека неговото место е токму таму – помеѓу највлијателните луѓе на светот.
Во текстот напишан од милијардерот бизнисмен Илон Маск за Канје Вест, тој говори дека раперот е „човек кој ги поместува сите граници“.
„Тој не верува во лажна скромност, а и не треба. Неговата неверојатна самодоверба го донесе таму кај што е денеска. Тој размислува, тој постојано мисли. За сѐ. И тој сака сите да го прават тоа, да размислуваат, да поместуваат граници, да прашуваат...Тој не се плаши ако луѓето го осудуваат, тој ја игра својата игра, и ќе ја игра уште многу долго“, пишува Маск за Канје.