Кира Најтли е дама во златен Валентино на лондонската премиера на The Imitation Game

9 октомври 2014

Доколку сте филмски фанатик, Лондон е вистинскиот град каде што треба да бидете во моментов!

Токму таму, се случува еден од најдобрите филмски фестивали BFI London festival каде на едно место е собрана филмската елита, а се прикажуваат и некои од најочекуваните премиери за годинава.

Дел од филмскиот фестивал ќе бидат вкупно 248 долгометражни и 148 куси фимови во кои ќе бидат вклучени и некои од најдобрите што дефинитивно ќе се најдат во трката за Оскар.

Најголемо внимание во Лондон дефинитивно предизвика премиерата на The Imitation Game што впрочем и го отвори годинешното 58 – мо издание на фестивалот. Во главните улоги се појавуваат прекрасната Кира Најтли и новата надеж на холивудското небо за кого сите навиваат, шармантниот Бенедикт Камбербач.

Филмот го раскажува животот на математичкиот гениј Алан Туринг, кој помогнал при декодирањето на нацистичката машина Енигма во Втората светска војна, а подоцна бил осуден за непристојно однесување поради хомосексуални односи, во време кога хомосексуалноста се сметала за криминално дело.

Бенедикт Камбербач ја има главната улога како измачуваниот Туринг, а се шушка дека оваа улога ќе му донесе номинација за Оскар. Официјалната американска премиера филмот ќе ја доживее на 21 – ви Ноември годинава.

На премиерата во Лондон се појави целата актерска екипа, од која особено се издвоија главните актери Кира и Бенедикт кои на црвениот килим изгледаа како совршена двојка! Секогаш прекрасната и модерна актерка се појави во долга, тантелна тоалета со карнери во златна боја од есенската колекција на Валентино за 2014 – та година. Својот изглед го надополни со минималистичка шминка и раскошни златни обетки.

Дел од одличниот филмски фестивал во Лондон ќе бидат и филмовите Men, Women & Children на одличниот Џејсон Рајтман, авантуристичкиот Wild со Риси Витерспун во главната улога, но и политичкиот трилер Rosewater и одличната турска драма Winter Sleep.

Објавено:
9 октомври 2014
Категорија: 
Сцена