Лејди Гага со трибјут за Дејвид Боуви на Греми наградите

16 февруари 2016

Вчеравечер во Лос Анџелес се одржа една од најзначајните церемонии во музичката индустрија, педесет и осмото издание на Греми наградите кога се резимираа впечатоците од минатата година и им беа доделени наградите на оние кои ја одбележале истата.

Греми наградите се секогаш интересни за анализа од различни аспекти, почнувајќи од највпечатливите комбинации на црвениот килим, перформансите на сцена, па се до оној најзначајниот дел – признанијата за најуспешните.

Годинава со најмногу награди триумфираше раперот Кендрик Ламар за: најдобра рап изведба, најдобра рап соработка, песна, а за соработката со Тејлор Свифт освои златен грамофон за најдобар спот.
Свифт пак ја доби наградата за најдобар албум на годината и во нејзиниот говор не ја пропушти приликата да ги советува младите девојки да не дозволат никој да ги обесхрабри на патот кон остварување на нивните соништа, и нивниот труд некој друг да си го препише себеси, најверојатно алудирајќи на Канје Вест во незиниот случај.

За песна на годината златен грамофон му беше доделен на Ед Ширан за „Thinking Out Loud", за најдобра рок изведба награда освоија Алабама Снејкс за „Don't Wanna Fight", песна на годината беше прогласена „Uptown Funk" на Бруно Марс и Марк Ронсон, додека наградата за најдобар нов изведувач и припадна на Меган Трејнор, а и ја додели минатогодишниот победник во оваа категорија Сем Смит.
Добитниците на останатите Греми награди може да ги видите на овој линк.

Секогаш оригиналната Лејди Гага својот перформанс му го посвети на големиот уметник Дејвид Боуви со седумминутен трибјут на неговите најголеми хитови, „Space Oddity", „Changes", „Ziggy Stardust", „Suffragette City", „Rebel Rebel", „Fashion", „Fame", „Let's Dance" и „Heroes". И секако, нејзиниот стајлинг беше реплика на уникатниот изглед на генијалниот Боуви, со што нејзиниот настап беше еден од оние кои му дадоа силен печат на 58-то издание на Греми наградите. Но,таа не помина без критика од Твитер заедницата, на која се приклучи и синот на Боуви, кои беа незадоволни од тоа што Лејди Гага го искористила овој перформанс за комерцијални цели.

Модното шоу на црвениот килим е секогаш посебна приказна. Едната страна на приказната се креации што воодушевуваат со својата естетика и грациозност, а другата страна е онаа која што е базирана на бизарни изгледи чија основна функција е да се привлече вниманието на јавноста иако не во позитивен контекст.

Повеќето од дамите одбраа сексапилни тоалети со висок шлиц, како Тејлор Свифт, Лејди Гага, Сијара, Алесандра Амброзио, Бијонсе, а некои се одлучија за спротивна варијанта, односно макси тоалети без отворени делови, но тоа не ги правеше помалку женствени или сексапилни, како Криси Тајген, Адел, Флоренс....

Целосната галерија во продолжение:

Објавено:
16 февруари 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
852 пати