Магичните колоритни богатства скриени во плакарот на пејачката Келис

24 јули 2014

Се сеќавате ли на хитот „Milkshake“ на црномурестата пејачка Келис што дефинитивно ги одбележа нашите тинејџерски години? Ако песната и донесе голема популарност, тогаш колоритниот гардеробер преполн со уникатни и весели парчиња и модни додатоци нас не донесе во вистинскиот дом на Келис и не натера да ѕирнеме во магичното царство за кое сонува секоја дама.

Келис покрај тоа што е пејачка таа е и текстопосец, а работи и како главен готвач во сопствениот ресторан во Лос Анџелес. Нејзиниот дом е уреден во музејски стил, со многу декоративни винтиџ елементи кои совршено се вклопуваат со севкупниот ентериер. Позлатениот мебел е со неправилни форми и се што е во нејзиниот дом изгледа како да е дел од некаква кралска музејска поставка, а целиот простор наликува на аристократска палата од дамнешно време. Дури и златната када во бањата потсетува на онаа на Клеопатра.

Она што дефинитивно остава без здив е плакарот со чевли, облека, особено уникатните модели на јакни, чантите и накитот. Веселите бои дополнително придонесуваат за убаво да се почувствувате гледајќи го модното царство на пејачката. Тоа изгледа како слаткарница со бонбони во која едноставно се губите бидејќи не знаете што да одберете. Келис поседува парчиња потпишани од модните имиња на Џон Галијано, Александар Меквин, Филип Лим, Миу Миу, Прада, Адидас, Шанел и уште ногу други.

Она што е интересно е што дел од овие модели се специјално изработени за неа и се единствени со што стилот на Келис добива на уникатност. Силната розова боја и е омилена на Келис, но и сите други свежи бои кои се маркантни и впечатливо го истакнуваат нејзиниот стил, па таа со задоволство ги комбинира во нејзиното модно секојдневие. Храбра, откачена и весела, Келис е вистинска модна икона.

Објавено:
24 јули 2014
Категорија: 
Сцена