Модните Оскари или најголемата приватна забава на Ана Винтур како што медиумите сакаат да ја нарекуваат Мет Галата, се одржа вчеравечер во раскошниот Метрополитен Музеј.

Моќта на Ана Винтур која сѐ повеќе се зголемува во последниве години не е исклучиво уредничка како кај другите дами од овој бизнис, туку маркетиншка која е и далеку позначајна од онаа другата.

Во својата богата кариера, талентираната Британка назад во 1999 – тата година го препозна огромниот потенцијал на Мет Галата, настан кој и денес важи за еден од најзначајните на модната сцена.

Како и секоја година, така и оваа, сите 750 гости што присуствуваа на настанот, се внимателно одбрани од самата Ана Винтур и нејзиниот тим.

Критериумите за влез на овој настан се неверојатно ригорозни, па многу од ѕвездите нудат и поголема сума од 25.000 американски долари кои се потребни за влез на церемонијата.

Оваа година, на Мет Галата се придружи и социјалната мрежа Инстаграм со посебен канал на кој сите заинтересирани можеа да го следат настанот во живо.

Годинава, покрај Ана Винтур домаќини беа и актерот Идриз Елба, дизајнерот Николас Гескјер и поп иконата Тејлор Свифт.

Годинешната тема на Мет Гала беше „Manus x Machina“, па во музејот можеа да се видат преку 100 креации кои беа спој на добро познатите техники на шиење, но и на оние футуристичките, како ласерското сечење, термо обликувањето на парчињата  и кружното плетење.

Во футуристички стајлинзи можевме да ги видиме и ѕвездите кои пристигнаа на црвениот килим, кои се чини годинава имаа малку полесна работа од минатата.

Најголемиот дел од дамите што присуствуваа на церемонијата, заедно со нивните дизајнери и тимот одбраа сребрени и светкави креации кои се чини најмногу ги потсетуваа на иднината.

Инаку, дрес кодот за настанот беше потенциран како „tech white tie“, кои многумина го сфатија буквално, па се појавија во едноставни бели креации на црвениот килим.

Но, имаше и такви ѕвезди кои работеа напорно со своите дизајнери па потврдија дека технологијата дефинитивно е нослива и нејзината ера допрва доаѓа.

Меѓу таквите беа Каролина Куркова и актерката Клер Дејнс кои се појавија во навидум балски и раскошни тоалети, но истовремено толку футуристички со што ги изненадија сите присутни.

Куркова се одлучи за фустан на модната куќа Маркеза чиј тим дизајнери работеше со IBM за да се постигне вистинска магија со лед технологија.

 

Подеднакво прекрасна и целосно во темата, беше актерката Клер Дејнс која носеше футуристички фустан на Зак Посен кој иако навидум едноставен, тој исто така беше направен со помош на фасцинантни лед сијалички кои целосно го осветлуваа во темнина.

Девојката за која многумина зборуваа изминатите неколку денови откако го објави нејзиното ново музичко остварување „Lemonade“, Бијонсе, се појави во латекс креација на модната куќа Живанши со впечатлива сенка на очите и долги екстензии во косата.

Сосема очекувано, на црвениот килим најголемо „лудило“ предизвикаа Ким Кардашијан и Канје Вест кои се одлучија за сребрени стајлинзи од нивниот омилен Балман.

На манифестацијата повторно можевме да видиме како моделите доминираат, кои овој пат речиси сите се одлучија за сребрени и бели креации од нивните омилени дизајнери.

Иако сите изгледаа беспрекорно како и секогаш, многумина од нив ќе кажат дека токму таа вечер ги носела најнеудобните фустани било кога направени, но ќе додадат и дека Мет Галата е всушност и вечер каде се носат такви комплицирани фустани.

Во галеријата, погледнете ги сите стајлинзи за кои се одлучија ѕвездите на годинешната футуристичка Мет Гала. 

Објавено:
3 мај 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
3.956 пати