Културните манифестации од типот на Виенскиот бал, од еден свој аспект не тестираат до каде сме со прогресот во следењето на светските стандарди и бармоетар за тоа колку сме спремни да го почитуваме поставениот дрес код на една манифестација со глобално канализирани текови.
Неодамна одржаниот Виенски бал во Скопје покажа ентузијазам во постигнувањето на едно доследно ниво кога е во прашање стандардизираниот изглед на гостите, но сепак на крај се е оставено на индивидуалниот избор на присутните поради што беа забележани исклучително успешни и соодветни и помалку успешни изгледи.
Дел од гостите му оддале должна почит на настанот со тоа што се одлучиле за својот изглед да соработуваат со домашни дизајнери и стилисти, додека други се воделе според своето индивидуално сетило за соодветен визуелен пристап. Во основа дамите практикуваа долги свечени тоалети во А крој или такви кои ја следат линијата на силуетата, а господата класично одело најчесто комбинирано со црна машна-пеперутка, иако најсоодветниот фрак кој се практикува за вакви настани речиси и не го видовме кај посилниот пол. Најчесто забелешката се однесува на несоодветната комбинација на принтови и бои или комбинирањето на неспоиви материјали.
Младата пејачка Сара Мејс изгледаше гламурозно во тоалета на Елена Лука која ја следи линијата на телото и продолжува во суптилно слоевит долен дел, додека горниот дел е богато украсен со навезени декоративни камења и она што е особено впечатливо продолжува со интересен детаљ од нанижени бисери околу вратот. Бидејќи тоалетата е доволно богата сама по себе, не бара дополнителен накит, освен обетката на едното уво која Сара овој пат ја заменила со пердувот препознатлив за нејзиниот имиџ.
Балската тоалета може да биде и во тесен крој кој се движи по линијата на силуетата, како што е случајот на госпоѓата. Но правилата велат дека ваквата варијанта на фустан треба да има шлиц, кој во случајот недостига и е единствената наша забелешка според балските дрес код стандарди. Секоја чест на храброста за ваков крој бидејќи дамата е во блажена состојба, додека пак изборот на материјал во металик нијанса е апсолутен хит и дефинитивно го привлекуваше вниманието. Нежната светкава наметка во пастелно розова нијанса исто така е полн погодок.
Во овој случај имаме избор на принт и должина на фустанот, кои за ваков настан се прилично храбри, но и несоодветни пред се поради спојот на текстурите. Нагласениот точкаст принт не одговара на стандардите кои ги припишува дрес кодот на Виенскиот бал, а кои обично бараат посмирени варијанти, ако веќе принтот е вашиот избор.
Според модните начела што ги наметнува балскиот изглед (конкретно Виенскиот), оваа средовечна двојка во неколку сегменти го испочитувала дрес кодот. Госпоѓата се одлучила за бела тоалета која според правилата на бал дозволива е само за дебитантите. Бидејќи таа има светол тен, а фустанот е во бела боја, некако се добива анемичен впечаток од кој дамата мимикрира со тоалетата. Доколку се одлучила да го надополни со некој контрастен накит наместо бисерите, перцепцијата би била поинаква. Дискутабилна е и должината на фустанот кој по правило треба да се влече по подот, а пак полн погодок се покриените рамена.
Менаџерката на одделот за комуникации во ЕВН, Ленче Карпузовска која имаше засилена женска придружба од нејзините две ќерки, особено привлекуваа внимание на балот со оглед на одличната стилска синхронизација на нивните тоалети - трите потпишани од Елена Лука. Очигледно, тие внимавале истовремено да останат доследни на поставениот дрес код, но и да постои поврзувачка нишка помеѓу трите која е постигната преку изборот на бледо розова и беж боја, како и нагласената половина со украсни ленти. Елегантната тоалета на Карпузовска во секој поглед е доследна на овој настан, почнувајќи со изборот на квалитетните материјали во изработката на тоалетата, фината црна тантела што во еден дел ги покрива рацете и рамената, па продолжувајќи со суптилната А линија во кројот на долниот дел.
Пејачката Верица Пандиловска пристигна во придружба на својот сопруг, облечена во креација на дизајнерката Мила Кадриу. Впечатливата тоалета во прав крој и магента розова боја, стегната на половината со ремен кој завршува со масивна панделка на задниот дел од половината , надополнет со црни дамски ракавици и црна светкава чантичка, ќе беше комплетно успешна доколку Верче ги покриеше голите рамена. Убав и храбар модел, но и тука како и во претходниот случај изоставен е задолжителниот шлиц. Ќе било подобро ако чантата е клач или плик, а не со рачки.
На Виенскиот бал присуствуваше и елегантната Миланка Рашиќ која овојпат се одлучила за тоалета во портокалова боја на Тања Кокев. Портокаловата тоалета ја следи линијата на нејзиното тело, истакнувајќи ги половината и рамената кои беа суптилно покриени со модерна тантела. Во согласност со дрес кодот, тоалетата се влечеше по подот што му даде дополнителна нота на гламур на целосниот изглед. Фризурата и шминката на водителката беа во согласност со целиот изглед, односно нежни како и накитот.
Ова е доказ како треба да изгледа една трудница на ваков настан. Еден од највпечатливите фустани на балот, дело на Елена Лука, не само поради тоа што одлично е прилагоден на дамата која е во блажена состојба, туку и поради соодветниот крој што истовремено дозволува удобност во движењето, а елегантност во изгледот, благодарение на појасот од црна тантела аплициран на еднобојната беж основа. Дополнителен романтичен изглед е постигнат со волуменозните ракави кои ги покриваат рамената. Тоалета што комплетно ги следеше сите правила за тоа како треба да се изгледа на ваква културна манифестација.
Понежната половина на актерот Драган Спасов Дац, Весна Спасова на Виенскиот бал ги испочитува сите правила. Иако не носеше гламурозна тоалета, минималистичкиот стил на истата ја направи шармантна во креацијата на Ивана Кнез. Со масивниот ѓердан од бисери и суптилните обетки, Весна уште еднаш беше пример за елеганција и во ова минималистичко издание и секако – омилената црна боја.
Можеби животинскиот принт кај фустаните е дозволен за забава од посмирен карактер, но дефинитивно не и за Виенски бал. Тоалетата на госпоѓата не е со соодветна должина. Материјалот на тоалетата не е синхронизиран со оној на болерото, а исто така е премногу нагласена играта со принтови, која е апсолутен тренд, но сепак овој настан бара поинаков однос дури и кон трендовите. Убав избор на дискретен накит.