МТВ ЕМА 2014: Ники Минаж, длабоки деколтеа и фантастични настапи!

10 ноември 2014

Шкотската престолнина вчеравечер беше местото од каде светската музичката елита ги собра најслатките плодови од нивната работа за изминатата, 2014 – та година.

Иако немаа можност да присуствуваат на фантастичната журка во Глазгов, момците од омилениот бенд One Direction беа почестени со дури пет награди на 20 – тото по ред издание на МТВ Европските музички награди.

Тие им се заблагодарија на своите обожаватели за наградите преку видео порака, која иако прикажана на видео бим, предизвика подеднакво лудило кај публиката како тие да беа на сцената.

Вечерта помина во знакот на одличната 21 – годишна американска пејачка Ариана Гранде која покажа дека воопшто нема проблеми со ризичните предизвици што сценските настапи ги носат со себе.

Покрај одличните изведби на нејзините огромни хитови како „Problem“ и „Break Free“, слатката Ариана дома си замина и со наградата за „Најдобра поп песна“ за изминатата година.

Домаќинка на вечерта беше контроверзната американска раперка Ники Минаж, која за нејзиното водителско место промени повеќе од пет стајлинзи, а ја доби и наградата за „Најдобар хип – хоп артист“, зад себе оставајќи ги Дрејк, Канје Вест, Еминем и Иги Азалеа.

Како што впрочем и се очекуваше, 31 – годишната Ники вечерта ја отвори на спектакуларен начин, симнувајќи се со огромни јажиња на сцената облечена во сребрен градник во комбинација со неверојатно долго здолниште, поздравувајќи ја публиката со нејзините добро познати пцовки.

Еден од највпечатливите настапи вечерта имаше и прекрасната Алиша Кис, која иако во поодминат месец од бременоста, на публиката и приреди вечер за паметење полна со неверојатна, позитивна енергија. Поубава од кога и да е, во долга светкава тоалета со широка насмевка на лицето и неверојатно моќен глас, таа на сцената го изведе нејзиниот последен сингл „We are here“.

Најемотивниот момент вечерта беше доделувањето на „Наградата за глобална икона“ на легендарниот Ози Озборн, која му ја беше врачена од еден од неговите најголеми обожаватели – Слеш!

Иако фановите беа во исчекување на светската дива Бијонсе, таа не се појави да ја подигне наградата, која имено беше една од најзначајните вечерта, односно „Најдобра песна со порака“, за нејзината одлична „Pretty Hurts“.

Кога станува збор за најдобро облечените на црвениот килим во студениот Глазгов, дефинитивно најголемо внимание предизвика манекенката Џордан Дан која се појави во кусо бело фустанче со длабоко деколте, бели потпетици и урбан накит.

Новата канадска ѕвезда Кајза се појави во тренди кусо колоритно фустанче со пердуви и кафени кожени сандали, за кои посакувавме да беа едноставни потпетици во некоја интересна боја.

Одличен стајлинг вчеравечер во Глазгов имаше британската пејачка Алиша Диксон, која се појави во феноменално фустанче – кошула со долги ракави и рачно извезени апликации во предниот дел.

Доколку вчеравечер немавте можност да го погледнете годинешното издание на МТВ европските музички награди, во продолжение ги издвоивме највпечатливите стајлинзи што вреди да се погледнат!

Објавено:
10 ноември 2014
Категорија: 
Сцена