Неговото височество-гардероберот на Ана Дело Русо

14 февруари 2014

Ана Дело Русо ја дефинираат како колоритна, нестандардна и ексцентрична. Таа е една од најзапаметените дами во модната сфера. Главната уредничка на јапонски Vogue е добро позната во модните кругови по својот авангарден вкус и храбриот спој на кичести комбинации.

Сепак до неа не „стигаат“ негативните коментари, бидејќи таа е од оние смели жени кои сакаат да експериментираат со стиловите и боите и да се издвојат од толпата со исклучителниот избор на додатоци од секаков вид, за кои таа вели дека се дел од нејзината модна сложувалка.

Денес нема да го анализираме нејзиниот стил, туку ќе ѕирнеме во магичното модно кралство, „неговото височество гардероберот на Ана Дело Русо“.

Станува збор за огромна соба која е пренатрупана со облека, модни додатоци и аксесоари, а дел од нив стојат неотпакувани во украсни кутии. Модниот свет на оваа Ана е со потписи од голем број дизајнерски имиња. Мошне впечатливи се кожените парчиња облека кои таа ги има во изобилие, како и крзнените палта со долги влакна кои се нејзина пасија и мошне често дел од нејзиното модно секојдневие. Поседува уникатни креации со специфични кроеви, во секакви бои и дезени.

Нејзина втора љубов се модните додатоци. Ретро очила за сонце , шапки со превез во стилот на 50-тите, плејада од неверојатни модели на чевли, најразлични модели на чанти и торби, гламурозен накит, кој вклучува оригинални рачни изработки. Тие нејзина најголема слабост но и главен адут кои го прават целосен нејзиниот моден израз.

Нејзиното „мало“ модно богатство е сон на илјадници жени ширум светот, затоа погледнете ги фотографиите и замислете си дека и вие можеби еден ден ќе поседувате ваков моден рај!

Објавено:
14 февруари 2014
Категорија: 
Сцена