Никој не сакал да ѝ позајми фустан... освен Џани Версаче и многу згрешиле

12 август 2020

Хју Грант во деведесетите беше мега популарен, но не и неговата тогашна девојка Елизабет Харли. Во почетокот Елизабет Харли беше сосема непознато име во актерскиот свет. И тие малкумина што слушнале за неа, беше благодарение на актерот. Ова беше една од главните прични што ниту еден познат дизајнер не сакал да ѝ отстапи своја креација за премиерата на филмот „Четири венчавки и погреб“, во кој токму Грант ја имаше главната улога.

Таа знаела дека познатите модни дизајнери соработуваат со познати актерки и им отстапуваат фустани, но бидејќи не била позната, никој не сакал да соработува со неа.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Elizabeth Hurley (@elizabethhurley1) onFeb 7, 2016 at 12:16pm PST

„Сè беше подготвено за таа голема премиера и некој ни кажа дека можеме да позајмиме облека од најдобрите дизајнери. Кутрата Елизабет се јави на неколкумина од нив и побара фустан, но сите ја одбија со прашањето „Која си ти? и следеше одговорот: „Не, нема да ти позајмиме ништо“, откри Хју Грант во документарниот филм на „Би-би-си“ посветен токму на неговиот лик и дело.

Ниту еден дизајнер... освен Џани Версаче. Тој се сетил дека во ателјето има уште една креација сосема достојна за црвен килим. Тој ѝ го дал, денес веќе култниот, црн фустан, со златни безопасни.

„Версаче се согласи да ѝ излезе во пресрет и ѝ даде само еден фустан. Беше тоа фустанот со безопасни. Го облече и застана пред мене, а јас кога ја видов, само изненадено ги кренав веѓите и тргнавме на премиерата“.

Кога стасале на црвениот килим, никој не останал рамнодушен и така Елизабет Харли стана ѕвезда на вечерта! Фустанот е смел, провокативен, но сепак не открива ништо и сосема одговара на сексапилот кој актерката природно го поседува.

За Харли се зборувало цела вечер. Инаку, токму таа „ризична“ креација од колекцијата за пролет/лето, изработена од црна свила и ликра, која со едно нагло движење може да открие многу, на ревијата во 1994 година ја носеше прекрасната Хелена Кристенсен.

Но, ако треба некој да се посочи за популаризирањето на истата, тоа дефинитивно би била, денес, познатата актерка.

„Бев толку неподготвена за тоа што се случи таа вечер. Итно ми требаше фустан за премиерата на Хју, а во тие денови јас не знаев многу за модата. Се сеќавам дека отидов до канцеларијата на ПР агенцијата од каде требаше да го земам фустанот. Беше спакуван во бела пластична кеса, го земав и го однесов дома. Фризурата си ја направив сама, исто така и шминката, тепајќи се со Хју околу огледалото, кое беше мало и единствено во нашиот мал еднособен стан. Сè беше толку негламурозно во споредба со тоа како работите денес се одвиваат“, се присети на таа вечер, актерката минатата година за „Харперс Базар“, фотографирајќи се во нова верзија на истиот фустан, секако повторно со потпис на Версаче.

Харли е во шестата деценија од животот и важи за една од најзгодните и најубавите актерки. Одамна веќе го нема проблемот со кој се соочила пред речиси 30 години, но оваа приказна само ја покажува големината на Џани Версаче и неговата непогрешлива проценка.

Сигурни сме дека, нешто слично на приказната од „Убава жена“, дизајнерите што ја одбиле, после фамозната премиера сфатиле дека малку се „зезнале“.

Објавено:
12 август 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
25.480 пати