Обиколка низ домот на шармантната стилистка Рејчел Зое

20 септември 2014

Славната американска стилистка Рејчел Зое за потребите на странскиот магазин „InStyle“ ги отвори вратите од нејзининиот простран дом каде живее со сопругот Роџер Берман и синчето Скајлер. Покрај тоа што се грижи за стајлингот на познати личности, Зое често е инволвирана и во уредувањето на домовите на познатите. Ако од просторот на клиентите умее да создаде беспрекорна естетика и амбиент, тогаш за просторот каде функционира со своите најдраги таа се води во границите на едноставноста и минималистичкиот стил со примеси на винтиџ елементи.

-Бојата на темно дрво, пастелните нијанси како и белата боја се клучни за еден дом да изгледа пријатно, позитивно и релаксирано. Светлите колорни нијанси и не се баш вистинскиот избор кога имате мало дете, јас моментално морам да ги сокривам скапите аксесоари од домот и да внимавам на секој чекор на Скајлер. Сепак, успевам да се снајдам, постојано повторувајќи во себе дека наскоро нема да му бидат интересни предметите што ги обожавам и кријам од него, објаснува Рејчел.

Светлите бои се провлекуваат низ целиот дом и на просторот му даваат пространост, освен во работната соба која е комбинација од дрво во боја на карамел, во останатите простории како и во спалната соба преовладува белата боја која создава чувство на чистота и придонесува за повеќе светлина. Иако има голема кујна, стилистката вели дека ја користи само за подготвување вечера за нејзиното синче.

Секако за стилистка како Рејчел Зое, домот мора да располага со засебен гардеробер кој се наоѓа близу спалната соба, а освен нејзиниот, големи посебни гардеробери поседуваат и споругот  и малиот Скајлер.

-Од гардероберот омилени ми се сите јакни, но бидејќи времето во Лос Анџелес не ми дозволува многу да ги носам, најчесто висат на закачалка. Имам такви од Шанел, Гучи, Ралф Лорен, Барбери и чекам прилики за да ги комбинирам, раскажува Зое.

Во продолжение разгледајте како изгледа отмениот дом на една од најпознатите американски стилистики.

 

Објавено:
20 септември 2014
Категорија: 
Сцена