Од тинејџерски сон до реалност - Аврил Лавињ доби своја ѕвезда на Булеварот на славните

2 септември 2022

Две децении по објавувањето на „Sk8er Boi", поп-панк пејачката од Онтарио, Аврил Лавињ, во средата конечно доби своја ѕвезда на Булеварот на славните во Холивуд.

Свеченото откривање на ѕвездата е совршениот начин за 37-годишната пејачка да ја прослави 20-годишнината од нејзиниот деби албум „Let Go", кој ја започна нејзината кариера со синглот „Complicated" и незаборавни хитови „Sk8er Boi" и „I'm With You".

Фото: cbc.ca

Лавињ ја отвори церемонијата откривајќи фотографија од себе на 16-годишна возраст легната на тротоарот на Булеварот на славните во Холивуд, покрај една од славните ѕвезди, облечена во качулка на која пишува „скејтбордингот не е криминал". За време на својот говор, пејачката го носеше истиот дуксер од нејзината стара фотографија.

На настанот беше присутен и Колсон Бејкер, попознат како Машинган Кели, кој изјави дека Лавињ претставувала „инспирација за генерација деца" како него.

„Денес сакам да правам музика повеќе од кога било. Се чувствувам толку инспирирана", рече таа, заблагодарувајќи им се на своето семејство и нејзиниот вереник Дерек Смит, кој настапува како раперот Мод Сан.

Лавињ откри дека се надева дека нејзината ѕвезда ќе го инспирира следниот 16-годишник од мал град кој „еден ден полн со надежи и соништа ќе дојде во Холивуд".

„Живеј ја својата страст. Изрази се. Биди искрен со себе, работи напорно. Држи ја главата горе. Верувајво себе", додаде таа, забагодарувајќи се за честа да биде добитник на ѕвезда на Булеварот на славните.

Фото: cbc.ca

Објавено:
2 септември 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
252 пати