Оливија Лопез: Стилска ентузијастка со носталгично чувство за уникатни комбинации!

1 септември 2014

Таа е една од најстилските блогерки во моментов, а има добиено и голем број признанија за нејзиниот уникатен стил со кој постојано нѐ изненадува.

Младата и креативна Оливија Лопез е 21 – годишна девојка која успева да направи совршен баланс помеѓу нејзините студии, неверојатниот блог Lust for Life (од истоимената песна на Иги Поп), но и нејзината винтиџ онлајн продавница.

Нејзиниот блог стана еден од најинспиративните за девојките ширум светот, а таа за многу кратко време стана вистинска стрит стајл икона со истенчен вкус за добрите работи и совршените задоволства што ги нуди животот.

Па така, многу често на нејзиниот блог, покрај совршените комбинации, ќе најдете и гастро задоволства од различни страни во светот и места кои задолжително мора да ги посетите.

Во комбинациите што секогаш умешно ги прави, девојките ќе најдат доза носталгија и безброј винтиџ моменти во кои, како што и самата ќе каже, таа е лудо вљубена.

Освен тоа што девојките ја обожаваат, за нејзиниот блог и одличен стил таа има добиено и неколку светски признанија меѓу кои и оние од Ел, Вол Стрит Журнал, Хафингтон Пост, Грациа, Космополитен и многу други.

Таа ќе каже дека се инспирира од стилот на Брижит Бардо, Џејн Биркин и Бјанка Џегер. Покрај нејзиниот блог, таа е неверојатно успешна и со онлајн винтиџ продавницата што ја поседува, а на која секогаш ќе најдете уникатни парчиња какви што нема на друго место.

Во продолжение за мала инспирација за последните топли денови, искористете некоја од нејзините комбинации, а за повеќе, посетете го нејзиниот одличен блог!

Објавено:
1 септември 2014
Категорија: 
Сцена