Оскари '21: Најдобрите, најлошите и највпечатливите креации од црвениот килим

26 април 2021

Долго одложувано и конечно одржано - 93 издание на Оскарите ни помогна макар на момент да си замислиме дека не сме во сред пандемија и ни овозможи гламур - не можеме да кажеме баш каков што и се очекува од оваа манифестација, но сепак доза возбуда секако.

Може да се рече дека „Јунион стејшн“ во Лос Анџелес оваа година на некој начин го смени „Долби театарот“. За изгледот во станицата се погрижи архитектонското студио „Роквел Груп“, создавајќи фантастична и топла сценографија.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by The Academy (@theacademy)

 

Просторот е навистина маестрално уреден, претворен во гламурозен театар, со мини амфитеатар, маси и столчиња. Многумина коментираат дека ова решение од споменатата архитектонска компанија потсетува на вечерата од првото доделување на оваа престижна филмска награда.

Дел од познатите личности одмораа пред и после шоуто во салонот кој всушност е предниот дел на тревникот во рамки на станицата.

Главниот дел од манифестацијата го гледавме од внатрешноста пак на станицата, а настапите во живо сепак се одвиваа во театарот „Долби“.

Вкупниот број на лица кои присуствуваа на годинашното издание, според некои претходни податоци е 170 лица, а меѓу нив ги видовме и Лора Дерн, Хали Бери, Аманда Сејфрид...

Лора Дерн во Оскар де ла Рента

Интересно е што голем број од холивудские магнати не добија покани за ова издание на „Оскари“, а меѓу нив е и Роберт Игер, челниот човек на „Дизни“.

Црвен килим

Црвениот килим годинава беше интересен за гледање, но без haute couture момент. Да бидеме искрени, имало и поспектакуларни изданија, но и ова 93 донесе неколку интересни модни избори, иако не можеме да означиме ниту едно кое би било WOW.

Доминираа бели и црвени креации, но она што ни се допадна е што имаше колорит, така што видовме отсуство на премногу црни класични креации, како и на класичен холивудски изглед, со неколку исклучоци.

 Меѓу најдобро облечените е Хали Бери, која сите ги изненади со новата кратка боб-фризура. Фустанот пак, во виолетови нијанси, од свила, со голема панделка во предниот дел и лелеаво здолниште го потпишува модното дуо „Долче и Габана“.

Анџела Басет зачекори во впечатлива црвена креација, со волуменозни ракави, кои во задниот дел формираат панделка. Инаку, со нејзиниот изглед ѝ оддава чест на Дајана Рос, а тоа може да се забележи не само преку креацијата, туку и изборот на шминка. Фустанот е од брендот „Алберта Ферети“ и е специјално изработен за актерката, која навистина беше една од оние што оставија впечаток.

 

А кога сме кај црвените креации, меѓу најдобро облечените се најде и младата актерка Аманда Сејфрид. Токму таа беше една од оние што го испочитува класичниот холивудски изглед. Во раскошна црвена креација со длабоко деколте, изработена мошне деликатно, од модниот бренд Armani Prive, Аманда навистина направи моден погодок, иако и тоа беше веќе видена силуета и естетика.

А уште еден изглед за кој многу се зборуваше беше и оној на Реџина Кинг, која носеше фустан од „Луј Витон“. Металик сината креација, со волуменозен горен дел, кој наликува на пеперутка и везените вертикални линии од монистра и скапоцени камчиња, кои уште повеќе ја нагласуваа нејзината фигура, направија навистина да остави силен впечаток.

Кери Мулиган беше од ѕвездите кои одбраа да се појават во златна креација. Златен топ и огромно широко, гламурозно здолниште од модната куќа „Валентино“, Кери беше посочена исто така за најдобро облечена. Комбинација навистина соодветствува на црвениот килим, но не сме сигурни дали најдобро ѝ стои на Кери, но секако креацијата спаѓа во една од најгламурозните, иако се работи за веќе видена комбинација и крој.

 Зендаја секогаш се наоѓала во врвот на најдобро облечени жени, па многумина и овој пат ја прогласија за таква, но ние не се согласуваме. Бојата, жолта лимон нијанса од "Валентино“, изработена специјално за неа, е супер избор и изгледа свежо, но сепак оваа креација и нејзиниот севкупен изглед не' потсетува на некоја летна забава на плажа. Премногу отворениот горен дел, односно торзото, не ги нагласува баш нејзините најдобри страни.

За изгледот на Вајола Дејвис исто така мошне се дискутира. Таа носи необична креација од британската модна куќа „Александар Меквин“. Изработката на горниот дел е фантастична, а тоа што здолништето е лежерно, е одлична комбинација бидејќи не го одзема вниманието од она што реално е највпечатливо. Интересно е што Вајола за улогата се здебелила 90 килограми и плус носела костим за уште поголем волумен, но вчеравечер се појави во дотерана линија. Сепак, иако креацијата е интересна, сметаме дека не е најдобар избор за телото на Вајола, барем не во овој момент.

Андра Деј во Вера Ванг

Уште една златна креација и фаворит на повеќето модни медиуми. Се работи за актерката Андра Деј на која ова ѝ е прво појавување на Оскарите, а креацијата ја потпишува Вера Ванг. И додека за едни е сексапилна и фантастична, за други ова е дури и претерано смело издание кое не' нуди никаква модна имагинација или презентација на модна умешност. 

А кога сме меѓу најкоментираните, тоа е секако и изгледот на  51 годишниот актер Колман Доминго, кој се појави во одело на „Версаче“, украсено со кристали Сваровски во фускија нијанса, кој многумина го сметаат за најсмел изглед на годинашните Оскари.

Марго Роби се појави секако во креација на „Шанел“ која одлично ѝ прилега. Уште повеќе не' освои со новиот изглед, односно фризура. Но, од модна гледна точка, актерката имала и далеку поинтересни модни изданија.

Ако бираме најизненадувачки моменти на црвениот килим, тогаш тоа би била режисерката Клое Жао, препознатлива по својата едноставност. На доделувањето на Златните глобуси преку Зум се појави во фармерки и ролка. На црвениот килим пак, на Оскарите, се појави во рачно плетен фустан со ѕвонести ракави и патики, што беше интересно и несекојдневно. Без шминка на неа и сосема во лежерен стил, таа покажа индивидуалност и доследност на она што го прави. И токму таква испиша историја станувајќи втора жена режисер која освоила Оскар за игран филм.

За Questlove, доза гламур значеше златни крокс-кломпи на нозете, со кои зачекори по црвениот килим. А вниманието го привлече и убавата Селест. 

Таа носи прекрасна креација на „Гучи“ надополнета со чанта во форма на срце претставено како орган со вени и артерии.

Интересна е да се спомене и креацијата на Мариа Бакалова, младата актерка со бугарско потекло, која ја гледаме во остварувањето со Борат. Таа се појави во бисерно-бела нежна креација на Луј Витон. Иако нам ни е сосема веќе видена, од „Гардијан“ пренесуваат дека со овој нејзин избор сака да направи омаж на фустанот-лебед кој пред точно 20 години го носеше Бјорк, а зад кој се потпишува македонскиот дизајнер Марјан Пејоски.

На годинашните Оскари се појави и италијанската пејачка Лаура Паусини, а таа одбра класична креација со откриени раменици, широко здолниште со џебови од брендот „Валентино“. 

Лаура Паусини

Глен Клос пак, изгледаше како вистинска дама во креација на Армани, изработена специјално за неа, а составена од панталони во комбинација со долга туника богато украсена и сатенски ракавици.

Како изгледаа останатите, можете да погледнете во галеријата во продолжение:

 

Објавено:
26 април 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.444 пати
Тагови: 
Оскари 2021