Ова се највпечатливите моменти од Британските музички награди 2015!

26 февруари 2015

Вчеравечер во спектакуларната О2 Арена во Лондон се одржаа Британските музички награди на кои покрај неколкуте скандали, имаше и навистина добри настапи.

На манифестацијата дефинитивно брилираа актуелните британски момци Сем Смит и Ед Ширан кои дома си заминаа со по две награди секој. И двајцата имаа одлични настапи на сцената на О2 Арената, изведувајќи по еден од нивните огромни хитови што ја одбележаа изминатата година.

Црвенокосото момче сосема заслужено, ја доби наградата за најдобар британски машки изведувач, но и за најдобар албум за неговиот и повеќе од одличен „X“.

 

Неговиот британски колега Сем Смит на неверојатната сцена во арената ја изведе „Lay me down“ со што по којзнае кој пат ги освои симпатиите кај публиката проследени со овации.

Покрај овие момци кои дома си заминаа со најмногу награди, со што уште еднаш се докажа дека Британците сакаат да играат на сигурно кога се наградите во прашање, еден од највпечатливите моменти вчеравечер беше дефинитивно катастрофалното паѓање на поп кралицата Мадона која ја затвори годишената манифестација.

Веднаш по завршувањето на истата, таа на нејзиниот Твитер профил објави дека се чувствува сосема добро и се пошегува на сметка на Армани кој ја дизајнираше нејзината предолга наметка со која таа имаше проблеми со одврзувањето.

Еден од моментите за паметење на вчерашните Британски награди дефинитивно беше и спектакуларниот настап на контроверзниот рапер Канје Вест кој на сцената ја изведе неговата нова „All Day“ со група момци кои испуштаа пламен во О2 Арената.

 

Поради неколкуте непристојни зборови содржани во песната, поголем дел од неговиот настап беше цензуриран на ТВ, поради што реакциите на Твитер не стивнуваа.

Кога сме кај настапите, еден од подобрите имаше и американската миленичка Тејлор Свифт која ја изведе „Blank Space“, по што сосема заслужено, дома си замина со наградата за најдобар интернационален женски изведувач.

Сега веќе триото „Take That“ воопшто не ја воодушеви публиката во арената, иако нивниот настап беше навистина солиден. Коментарите по нивниот настап беа и помалку злобни, посочувајќи на тоа дека и оние малку што останаа од некогашниот популарен boy band, задолжително треба да се повлечат.

Уникатната музичка дива Палома Фејт вчеравечер ја доби наградата за најдобар женски британски изведувач, а истата и ја врачи омилениот меѓу жените Марк Ронсон.

 

Таа на сцената се појави во прекрасен фустан на Долче и Габана, додека за нејзиниот настап се одлучи за уникатна црна креација во која ја изведе нејзината ултра популарна „Only Love can Hurt like this“.

Покрај сосема солидните и помалку спектакуларни настапи на годинешните Британски музички награди, црвениот килим беше вистински микс од оскаровски тоалети и сосема спортски изданија на ѕвездите.

Една од највпечатливите дефинитивно беше американската пејачка Тејлор Свифт која одбра црвено – црна креација на Роберто Кавали која иако совршена однапред, во задниот дел беше целосно рачно извезена со детали на змеј.

Во сосема поинакво издание за кое слободно можеме да кажеме дека е едно од нејзините најдобри досега, можевме да ја видиме Рита Ора која за оваа пригода се одлучи за неверојатна креација од ресортот на Зухаир Мурад што и прилегаше и повеќе од одлично.

Она што беше интересно, е фактот што и оваа година на црвениот килим и на забавите после манифестацијата доминираа манекенките, па никако не смееме да ја заобиколиме прекрасната Карли Клос која се појави во долг бел фустан со црни детали во пределот на рамената и вратот.

Иако сосема различна по стилот, во шик издание се појави и нејзината британска колешка Кара Делевињ која и за двете пригоди одбра комбинација составена од панталони, кошула, палто и црна шапка.

Вистинска убавица во бело беше и актуелната британска ѕвезда Ели Гулдинг чија креација го остави дури и Луис Хамилтон без зборови.

Во продолжение, погледнете ги највпечатливите моменти од вчерашното доделување на Британските музички награди, а дел од настапите веќе можете да погледнете и на музичкиот канал Youtube.

Објавено:
26 февруари 2015
Категорија: 
Сцена