Париз ја слави успешната кариера на Азедин Алаја

27 септември 2013

 

Во Париз во палатата Галера, од 28 септември ќе се случува изложба посветена на дизајнерот Азедин Алаја. Изложбата ќе трае се до 26 јануари. Со оваа изложба Париз ја слави успешната кариера на овој моден креатор чија примарна визија и цел во создавањето на едно модно дело секогаш била современата естетика на телото и поради овој факт овој дизајнер е уште познат под псевдонимот „вајар на женска силуета“.

 

 

И евидентно во неговиот пристап е начинот со кој ги проучува формите на моделот, без оглед на материјалите кои ги користи. Сите ткаенини било да се гламурозни или едноставни кога тој ќе ги земе во своите раце се трансформираат во вистински ремек дела. Алаја важи за еден од ретките креативци во светот на модата кој е способен да се носи со сите фази во поглед на конструкцијата, почнувајќи од идејата, дизајнот, имплементацијата па се до крајниот производ.

 

 

Неговото модно патешествие започнува во Тунис. Откако завршил на Институтот за уметност, отсек скулптор, своите први допири со модата ги осознава преку неговата сестра која ќе го научи како да шие. Првите парчиња кои ќе ги сошие се копии, што ги прави за некои свои познаници. Потоа заминува за Париз каде почнува да работи прво за Кристијан Диор, а потоа и за Гај Ларош, мал чекор кој го најавува неговото искачување кон врвот на модната индустрија. На изложбата во Париз која ќе трае од 28 септември до 26 јануари, ќе бидат прикажани 70 парчиња од негови најспектакуларни колекции, дизајнирани лично од Алаја, а во линијата ќе има и парчиња кои датираат од 1979 година, кога тој ја лансира својата прва самостојна колекција во соработка со Тиери Маглер.

Објавено:
27 септември 2013
Категорија: 
Сцена