People's Choice Awards: Џенифер Лопез прогласена за Икона на годината

16 ноември 2020

Годишните награди „„E! People's Choice Awards" се одржаа вчера, а поминаа во знакот на Џенифер Лопез. Имено, таа беше избрана за Икона на годината, а според сценариото изгледаше како да не знае дека е добитник на истата, бидејќи ѝ беше приредено изненадување.

На екранот во салата се појавија актерките Никол Кидман и Рене Зелвегер и ѝ испратија видео-порака.

„Ти си вистинска дефиниција за икона. Те познавам одамна и сум те гледала како преминуваш од сила во сила. Ти праќам љубов и со нетрпение очекувам, кога ќе заврши се' ова, да те прегрнам“, ѝ порача Кидман.

Но, тие не беа единствените што преку видео екран се појавија и ја изненадија. Емоциите ја совладаа кога ги видте своите деца, Макс и Еми, а потоа следеше и емотивен говор:

„Боже, 2020 не беше шега нели? Пред 2020 бевме опседнати со освојување на оваа награда, или со номинација за истата и се натпреварувавме кој ќе продаде најмногу... Но, не и оваа година. Оваа година ни покажа што е важно, а што не е. Кај мене го засили она што ми е најважно - луѓето. Да си помагаме едни со други, да се сакаме, да бидеме љубезни. Да не заборавиме на важноста на тој контакт, на човечкиот допир. Верувам тоа е она што сите го посакуваме, да знаеме дека не сме сами во ова. Вашата верба во мене ме мотивира да продолжам. Понекогаш сум уморна и истоштена како и сите оваа година, моето семејство, пријателите, моите деца, обожаватели, сите вие, сите што ме креваат кога не можам тоа да го сторам самата. Благодарна сум што ве имам.

Сакам да ги инспирирам сите девојки, на сите возрасти, во сите бои, во целиот свет, да знаат дека можат да направат се' што ќе посакаат без оглед на тоа од каде доаѓаат. Сакам да знаат дека нивните соништа се ограничени само од нивната имагинација, посветеност и решителност никогаш да не се откажуваат. Ако успеав да допрам до вас или до нив, дури и на најмал можен начин, тогаш тоа е најголемата награда која некогаш ќе ја примам. Ја прифаќам оваа награда со скромност и благодарност и се надевам дека можеме да стоиме заедно обединети, горди и во хармонија“.

Инаку, за пригодата, Џенифер одбра црвена, волуменозна креација на младиот дизајнер Кристијан Сириано, во која изгледаше впечатливо и доминираше на црвениот килим.

Наградата за модна икона пак, ѝ припадна на Трејси Елис Рос, а меѓу наградените се и Елен Помпео, Менди Мур, Џастин Бибер, Софија Вергара, Вил Смит, групата „Бтс“... 

Целата листа на наградени можете да ја видите тука.

 А во продолжение погледнете и како изгледаа останатите ѕвезди на црвениот килим:

 

Објавено:
16 ноември 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
968 пати