Принцот Хари конечно ја потврди врската со канадската актерка Меган Маркл во искрена изјава преку палатата Кенсингтон.
Во писмото тој вели дека е загрижен за безбедноста на неговата девојка која изминатите недели е предмет на „злоупотреба и мачење“.
„Ова стана премногу јавно – насловните страници на магазините, големиот број коментари на текстовите, троловите на социјалните мрежи и што уште не. Нешто беше скриено од јавноста – тужбите со кои ги спречивме измислените приказни во весниците, тоа што нејзината мајка не можеше да излезе од дома поради фотографите, бројните обиди на репортерите нелегално да влезат во нејзиниот дом, бројните парични понуди на нејзиното поранешно момче во замена за информации, постојаното следење на нејзините блиски и семејството и многу други работи“, пишува меѓудругото во официјалната изјава од Палатата.
Во истото се додава дека тој е загрижен за неговата девојка, загрижен е за нејзината безбедност и е многу разочаран што не може да ја заштити.
„Не е фер тоа што по само неколку месеци врска, госпоѓицата Маркл мора да поминува низ таква бура. Принцот знае дека многумина ќе кажат дека тоа е цената што таа треба да ја плати и дека сето тоа е дел од играта, но тој не се согласува со тоа. Ова не е игра, ова е нејзиниот и неговиот живот“, се додава во изјавата.
„Тој бара оваа изјава да биде поука за сите оние во медиумите кои почнаа да се занимаваат со нивната приказна повеќе одошто треба и се надева дека истата навистина ќе има резултат додека не се направила поголема штета. Тој знае дека е невообичаено да се даде ваква изјава, но се надева дека луѓето со отворен ум ќе ја сфатат пораката и потребата да се зборува за ова јавно“, завршува официјалната изјава од палатата Кенсингтон во име на принцот Хари.
Имено, светските медиуми веќе со недели ја следат нивната врска споредувајќи бројни фотографии од нивните профили на социјалните мрежи, а со оваа изјава конечно и официјално беше потврдена врската помеѓу принцот и актерката од популарната серија „Suits“, Меган Маркл.