Со денешната промоција на шестиот по ред календар, „Пелистерка“ ја почнува својата нова кампања под мотото: Во совршена форма.

Андреа Лекиќ, Татјана Хмирова, Амандин Лејно, Сираба Дембеле, Андреа Пенезиќ, Ања Алтхаус, се само дел од ракометарките на „Вардар“ кои се најдоа на страниците на календарот на „Пелистерка“ за 2016 година.

Темата на годинешниот календар ги спојува водата, спортот и модата, а ракометарките на „Вардар“ извонредно ја претставуваат таа заедничка совршена форма.

„Како компанија со искуство повеќе од 60 години на пазарот, секогаш е големо задоволство да ги поставуваме трендовите и во нашата индустрија, но и генерално во општеството. Токму затоа, на проектите кои станаа заштиен знак на „Пелистерка“, соработуваме со најдобрите и најатрактивните жени во нашето општество и заедно правиме производ кој ќе претставува комплетно нова и различна визија од сето претходно“, изјави денеска Тања Панделеска, маркетинг-директорка на „Пелистерка“.

Фотографиите се направени во спортскиот центар „Јане Сандански“, односно на домашниот терен на девојките. Истите ги направи познатото фотографско дуо Ани и Дими, додека продуцент е маркетинг-директорката на „Пелистерка“ Тања Панделеска.

Како извршен продуцент се јавува Света Богова-Јовановска од „Моден викенд Скопје“, а графичкиот дизајн е на Анита Гај.

За шминката и фризурата на девојките се погрижи Зоран Шурбевски, стилист е Јована Зука, додека парчињата се на Јована Филиповиќ.

Од компанијата „Пелистерка“ велат дека објавувањето на календарот стана традиција, а неговата промоција се претвори во значаен настан кој јавноста со нетрпение го очекува.

Календарот може да се набави во фан-шопот на „Вардар“ во спортскиот центар „Јане Сандански“, преку интернет-страницата на ракометниот клуб, како и во маркетите на Тинекс и Веро.

Изминатите години страниците на календарот на „Пелистерка“ ги красеа дел од најголемите ѕвезди од Македонија, како што се Каролина Гочева, Елена Ристеска, Тамара, Аделина Тахири, Маријана Станојковска, Викторија Лоба. Годинава за првпат на календарот се појавуваат девојки од странство, со оглед на тоа што речиси целиот тим на „Вардар“ е составен од интернационалки. 

Објавено:
23 декември 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
11.014 пати