Ретроспектива: 45 години распеани „Златни славејчиња“

20 ноември 2015

Овој прекрасен петок целосно им го посветуваме на единствените „Златни славејчиња“ кои 45 години наназад ги развеселуваат домовите на многу луѓе и ги топлат срцата на безброј дечиња.

Фото: Златно славејче

Тоа е така и овие три дена во арената „Борис Трајковски“ каде точно на пладне се одржуваат годинешните концерти со кои се прославува 45 – годишниот јубилеј.

Сања Ристиќ

По тој повод, ќе се одржи и голем концерт и гала вечер на 23 – ти декември во Македонскиот народен театар со многу гости и Златни славејчиња што триумфирале со своите песни изминатите години.

„Од неговото создавање, па сѐ до денес, фестивалот „Златно славејче“ опстојува цели 45 години со што стана најстара, а воедно и најомилена музичка манифестација за деца во нашата земја. Една благородна идеја стана стварност. Детските песни испеани на мајчиниот јазик низ сите овие години се еден прекрасен подарок на плејадата композитори, поети, аранжери, диригенти чии мелодии и денес останаа забележани во историјата на македонското културно наследство како највреден и најискрен спомен кој живее во срцата на голем број генерации“, изјави денеска министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која се сретна со дечињата и директорот на фестивалот Бобан Јосифовски.

Трајче Георгиев како еден од гостите на 45 - тото издание на фестивалот

Како што најавија, на годинешната прослава на 45 – годишниот јубилеј ќе настапат и Давид Темелков и Даниел Кајмакоски кој за минатогодишното издание на фестивалот сними и песна со дечињата.

Имено, фестивалот „Златно славејче“ бил основан во 1970 година, а по осамостојувањето на Македонија, фестивалот се одржува под покровителство на претседателот на Македонија. Во 2010 година, по повод 40. годишнината од основањето, фестивалот беше награден од претседателот Ѓорге Иванов со одликувањето „Повелба на Република Македонија“.

Од овој прекрасен фестивал излегоа некои од најубавите песни, а речиси секоја година сме сведоци на нови хитови за кои знаеме дека ќе го будат детето во нас и по неколку децении.

Таков е случајот денеска со најубавата „Марионка“ на Васил Гарванлиев, „За сите деца“ на Хорот на Златните славејчиња, „Никола, Никола“ на Оливера Лазаревска, „Сакам кола убава“ на Дарко Давитковски, „Ех тој Тоше“ на Сања Ристиќ, „Дувна ветре развигорче“ на Елеонора Капсималева и уште многу други песнички што имаа некое посебно значење.

Дарко Давитковски

Речиси секогаш кога и да слушнеме некоја од овие песни, се потсетуваме на прекрасните денови од „светот на бајките“ кога единствена грижа ни беше дали нашите родители ќе нѐ одведат на „Златно славејче“ и каква облека ќе носиме на фестивалот.

Токму на овој фестивал своите почетоци ги направи и нашиот Тоше Проески кој со неговата песничка „Јас и дедо ми“ уште во 1992 – та година ги освои симпатиите на публиката.

Кога сме кај музичарите што оставија голем впечаток на фестивалот никако не смееме да го заборавиме и маестро Александар Џамбазов кој е автор на некои од најголемите и единствени хитови од овој фестивал.

Фестивалот на најубавата детска песна „Златно славејче“ ќе остане уште долги години да сведочи за огромните таленти на младите уметници од кои нетрпеливо ја очекуваме новата „Еј гулаби, гулаби бели“,„Огледалце“, „Фламенко“, но и музички уметници од калибарот на Симон Трпчевски, Маја Гроздановска – Панчева, Маргарита Христова и уште многу други.

Честит јубилеј Славејчиња!

Објавено:
20 ноември 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.004 пати