Ријана: Најголемиот страв ми е славата

6 октомври 2015

Ноемвриското издание на магазинот Vanity Fair е резервирано за Ријана. Еден од поводите е излегувањето и на нејзиниот нов албум, но покрај тоа, популарната пејачка, како ретко кога, зборува искрено за повеќе сегменти од нејзиниот живот.

Со фото-сесија направена во Куба од страна на Ени Лебовиц, на страниците на магазинот може да се види и прочита животната приказна на Ријана.

За нејзините вистински стравови, за почетокот на кариерата, озборувањата и уште многу други интересни нешта, а дел ви пренесуваме во продолжение:

-Во теретана сум секој ден во неделата, затоа што не сум силна да се откажам од мојата омилена храна. Но, ќе жртвувам час во теретана – вели 27-годишната пејачка, додека јаде лазањи.

Ја доживуваат како провокативна и дива ар-ен-би кралица, жена што шокира, која е бунтовна, со проблематични момчиња. Но, таа е елегантна, забавна, отворена, хистерично се смее, особено за гласините за неа.

За оние што не знаат, Ријана на 16-годишна возраст се појавила на аудиција во Def Jam Records, каде Џеј Зи бил еден од челните луѓе.  

-Носев бели фармерки, бели чизми, тиркизна маица од Forever 21. Косата ми беше брановидна, ставена на едната страна. Тоа ми беше прв пат да ја направам косата така. Седев во ходникот и го видов Џеј Зи како поминува покрај мене. Се испаничив, но бев сигурна дека не ме виде...

Но, кога почнала да пее и кога се појавила, Џеј Зи и Тај Тај биле веднаш свесни дека пред нив е ѕвезда, со искри во очите.

-Не знаев дека имам искри во очите. Тоа се луѓе кои работеле со најталентираните личности во музичката индустрија, а јас сум девојче што доаѓа од еден остров. За мене и самата шанса да се појавам на аудиција беше нешто големо. Бев многу исплашена. Ми се тресеа колената. Останав во зградата 12 часа, до три наутро, кога всушност и го потпишав првиот договор.

И додека сите мислат дека нејзиниот живот е една, долга, секси ноќ за забава, таа потенцира дека тоа не е вистина. Ја прашав за нејзината репутација на лоша девојка:

-Искрено, во последно време размислувам за тоа колку сум здодевна. Кога имам време за себе, гледам телевизија – вели Ријана, која ги сака криминалистичките серии.

Многу се зборуваше и за нејзините момчиња, кои според многумина лошо ѝ влијаеја, а со Крис Браун беше и жртва на насилство.

-Кога сакаш некого, тоа е различно. Дури и кога не го сакаш (во смисла дека не си вљубен), но се грижиш за некој и знаеш дека некој се грижи за тебе, тогаш знаеш дека ќе те почитува. Но, се работи и за почит кон самата себе. Стопроцентна почит кон самата себе. Некогаш за првпат запознавам личност и одеднаш, од никаде „јас сум со него“. Тоа ме полудува, плаши. Оваа индустрија создава приказни и средини кои можат да направат да ти биде непријатно дури и да бидеш пријател со некого. Не смеам да стојам или да седам до некого? Сериозни ли сте? Дали мислите дека тоа ќе ме спречи да имам пријатели? – вели пејачката и додава: „Но, јас сум катастрофа. Ќе видам трач за мене и не им се јавувам да демантирам. Досега сум била многу свесна за луѓето – што ќе кажат и зошто луѓето сакаат да бидат со мене, зошто луѓето сакаат да спијат со мене... Тоа ме прави да се оградам и да се заштитам. Научив на потешкиот начин“.

Ријана открива дека секогаш го гледа најдоброто во луѓето.

-Се надевам на најдоброто и секогаш во сè гледам добро, го гледам потенцијалот и чекам да блесне. Така и со мажите. Вие сакате тие да се чувствуваат добро поради тоа што се мажи, но мажите денес се плашат да бидат мажи. Тие мислат дека ако бидат вистински мажи, тоа всушност значи дека се кукавици, дека ако ѝ го поттргнеш столчето на жената или ако покажеш нежност кон твојата девојка во друштво на другарите, тогаш си помалку маж. Тоа е без врска, болно. Така се функционира денес и девојките се прилагодуваат на тоа, но јас нема. Ако треба ќе чекам и доживотно. Но, ок е. Морате да бидете зезнати неколку пати, за да знаете што сакате – раскажува Ријана.

Таа додава дека тоа е една од причините зошто долго време нема сериозна врска.

-Затоа јас немам секс или не се гледам со некого. Не сакам кога ќе се разбудам следниот ден да се чувствувам виновна. Мислам, се чувствувам сексуално возбудена, човек сум, жена сум, сакам да имам секс. Но, што треба да правам – да го најдам првиот случаен „батко“, што мислам дека ќе биде одличен за една ноќ и потоа, утре кога ќе се разбудам да се чувствувам празно?  Тој може да има супер приказна, но јас си велам: „Што правам? Не можам тоа да си го правам на себе. Не можам“. Тоа има малку врска и со славата, но многу повеќе со тоа каква жена сум јас. И тоа ме спасува – искрена е Ријана.

Дали е осамена?

-Да, понекогаш сум, но имам толку многу работа што навистина ми го одвлекува вниманието. Немам време да бидам осамена. И имам страв од врски и се чувствувам виновна кога сакам некој да биде комплетно верен и лојален, а не можам да му посветам ни 10 проценти од вниманието што му е потребно. Тоа е реалноста на моето време, живот, распоред.

Ја прашав дали мисли дека секогаш ќе се најде на ѕидот на нечија детска соба, како постер за насилство врз жената.

-Никогаш не го разбрав тоа, како жртвите стануваат казнети одново и одново. Тоа е во минатото и не сакам да кажам:„ Премини преку тоа“, бидејќи е мошне сериозна работа, која сè уште е присутна, во смисла дека е реална. Многу жени, млади девојки сè уште се соочуваат со тоа. Но, и голем број млади момчиња. Тоа не е предмет да можам да го сокријам под килим и да не го гледам, да не го третирам како нешто сериозно. Јас и секој што бил жртва на домашно насилство, не сака да се сеќава на тоа. Ниту да го признае. Токму затоа, зборењето за тоа, по дури 200 пати е како да треба да сум казнета за тоа. За мене тоа не е ок.

Ријана е тивка и промислена кога зборува за нејзиното смирување со Браун.

-Јас бев девојка што чувствуваше дека, без оглед на тоа колку оваа врска е болна, некои луѓе се поиздржливи, поцврсти од други. Можеби сум јас една од тие што се тука за да се справуваат со такви „гомненици“. Можеби сум јас ангел чувар на другата личност, да бидам тука кога не е доволна силна, кога не го разбира светот, кога треба да се каже вистинската работа. Мислев дека можам да го сменам. Целосно. Многу бев заштитнички настроена кон него. Чувствував дека луѓето не го разбираат. Дури и после... Но знаете, после некое време во таква ситуација сфаќате дека сте непријателот. Го сакате најдоброто за него, но ако го потсетувате на неуспесите, или ако го потсетувате на лошите моменти во нивните животи, тој знае дека не го заслужувате она што ќе ви го даде. Дури и да се согласите со тоа, ќе дојде момент кога на крај ќе речете: „бев глупава што мислев дека сум создадена за ова“. Некогаш едноставно морате да заминете. Не го мразам. Ќе се грижам за него додека сум жива. Не сме пријатели, но не сме ни непријатели. Немаме никаков однос моментов – вели ѕвездата за нејзината прва љубов.

Она што ја плаши Ријана, покрај раѓањето деца (и покрај тоа што многу сака да има едно) е она што доаѓа со славата.

-Сè изгледа блескаво, но сè е многу страшно и нереално. Голем е падот кога се преправате и кога сте далеку од земјата, од реалноста, кога лебдите во меур заштитен од славата или успехот. Страшно е и тоа е нешто што најмногу ме плаши. Да бидеш голтнат од тој балон. Славата може да биде отров.

И покрај тоа што е учтива и достапна за фановите, таа вели дека секојдневно одржува комуникација со пријателите. Но, колку нејзиниот живот може да биде нормален? Ѝ кажав дека Еминем еднаш ми призна дека би ја менувал славата само да може да се прошета во трговски центар.

-Тоа е застрашувачко и тажно во исто време. Буквално сонувам за тоа да купам моја продавница, пиљара. Ти се колнам. Затоа што тоа е реално и нормално. Нешто што може да направи да ти биде малку непријатно. Затоа што, животот не е совршен, и кога се чувствуваш совршено, тоа не е реално. Ние уметниците потпишуваме договор да правиме музика, не за да бидеме совршени или да бидеме пример за некого. Ние сме живи суштества кои учат и растат и се развиваат со сите гомненици, како и сите останати. Тоа што луѓето очекуваат секогаш да сме совршени, за мене нема смисла.

А кога се работи за тестовите во приватниот живот, Ријана ќе каже:

-Добро ми е со самата себе. Не сакам да пуштам никој внатре. Имам многу нешта во тањирот, но ја чекам совршената личност за да го поделам тоа. Некој џентлмен, со многу трпение, кој ќе дојде кога најмалку се надевам. А и не го сакам сега. Не можам на некој да му бидам сè. Тоа е мојата реалност во моментот.

Значи, еден ден некој ќе дојде на бел коњ...

-Не, не на бел коњ (се смее). Најверојатно на мотор!

Објавено:
6 октомври 2015
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.312 пати