Роберт Де Ниро свечено пречекан во Сараево

15 август 2016

Во Сараево викендов се случи свеченото отворање на 22 – от по ред Филмски фестивал на кој оваа година главна ѕвезда беше холивудскиот актер Роберт Де Ниро.

Тој го означи почетокот на деветте гламурозни филмски вечери во срцето на Сараево, а вечерта на отворањето ја прими и наградата Почесно срце од Сараево за животно дело.

Во рамки на неговото гостување се случи и прикажувањето на култниот „Taxi Driver“ кој годинава прославува 40 години од премиерата.

Како што беше најавено, тој учествуваше и на специјална дебата за сараевската публика на која говореше за актуелните претседателски избори во САД и образложи зошто смета дека Доналд Трамп не смее да биде избран за претседател.

„Не знам... Луѓето се луди што го сакаат Доналд Трамп... тој дури и не треба да е онаму каде што е, па Господ нека ни е на помош“, рече тој на дебатата со што предизвика громогласен аплауз.

Актерот додаде и дека сето она што го кажува Трамп е тотално лудо, смешно...

„Мислам дека дури и медиумите полека почнуваат да се сомневаат во она што тој го збори и му велат дека ова е смешно, лудо, неверојатно“, додаде тој.

Во однос на наградата, Де Ниро посочи дека ќе ја чува внимателно бидејќи му е особено вредна и значајна со оглед на тоа што доаѓа од еден град кој и покрај бројните трагедии, покажал толку многу љубов и докажал дека има огромно срце.

Објавено:
15 август 2016
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
227 пати