Роберто Кавали отвори луксузен ресторан на Ибица

16 јули 2014

На најексклузивниот остров, кој деноноќно пулсира во ритамот на забавата и убавиот живот Ибица, во срцето на шеталиштето каде пристигнуваат гламурозните  јахти, на само неколку чекори од пристаништето Ибица Марина, модниот дизајнер Роберто Кавали отвори луксузен ресторан.

Ресторанот се протега на површина од 2000 квадратни метри во рамките на кои е создадена и тропска градина со поглед од кој ти застанува здивот. Дизајнерот се води од трите добро познати италијански постулати: софистицирана мода, добра храна и беспрекорен дизајн. Резултатот е гламурозно катче кое ќе биде омилено место на голем број познати, славни и богати луѓе.

Мебелот е со животински и цветни принтови кои се и заштитен белег во модното творештво на Кавали. Изборот на парчињата мебел се дел од најновата колекција Roberto Cavalli Home, дизајнирана од самиот Кавали. Во ресторанот ќе се служат исклучиво италијански специјалитети, но и комбинации од иновативни рецепти актуелни во модерната кујна. Вината кои ќе се најдат на менито се исто така италијански и припаѓаат на винаријата на семејството Кавали.

„Станува збор за топло катче кое ќе ви овозможи пријатен престој, слушање на добра музика и дегустација на вкусни јадења, вистинско уживање во неверојатно софистицирана атмосфера. Сакав на некој начин да ги спојам мојата страст за убавина и сензуалност со беспрекорна услуга и гостопримство“, вели дизајнерот.

Се чини дека Кавали одлично се снаоѓа во улогата на угостител, ако го земеме во предвид фактот дека тој веќе има создадено „мала“ угостителска империја ширум светот. Има отворено два кафе барови во Фиренца, Сен Тропе, диско клубови во Милано, Дубаи, Бејрут, Њу Делхи и Мајами.

 

Објавено:
16 јули 2014
Категорија: 
Сцена