Во Санта Моника вчера се одржа 28 издание на SAG наградите (Screen Actors Guild award). Многумина овие награди ги сметаат дури и за порелевантни од Оскарите, бидејќи ги доделува „Здружението на актери“.

Кога се наградите во прашање, историска вечер за серијата „Squid Game“ односно актерите Јунг Хо Јеон и Ли Јунг Јае, кои ги освоија наградите за најдобра актерка и актер во категоријата драма, додека пак, целата екипа е прогласена за најдобра, во истата категорија.

Така тие останаа првите актери кои не глумеле на англиски јазик, а ја освоија оваа награда.

Во категоријата комедија наградите отидоа во рацете на Џејсон Судеикис и Џин Смарт, додека пак за лимитирани серии, наградени се Кејт Винслет и Мајкл Китон.

Кога се работи за филмови, најдобрата машка и женска улога ја имаат Вил Смит, односно Џесика Честеин. Хелен Мирен пак, ја доби наградата за животно дело.

Комплетната листа на наградени погледнете ја тука.

Кога е модата во прашање, на сребрениот килим можеа да се видат одлични и софистицирани креации. Сфативме дека после неколку настани со бизарни креации, овој пат беше уживање да се гледаа чекорењето по килимот.

Хелен Мирен ѝ овој пат им ја даде довербата на „Долче и Габана“, па на настанот се појави во пастелно розова креација со светкави апликации и розово венче, кои навистина придонесоа за нежен луксузен изглед.

Меѓу нашите омилени изгледи од настанот е и оној на  Ел Фенинг, која се појави во „Гучи“. Светкави панталони со транспарентна кошула и елече е комбинација која е вистинско освежување - поинаков избор, кој ни малку не заостануваше зад гламурозните фустани.

Кејт Бланшет и Никол Кидман се одлучија за црни креации. Кејт за смела тоалета со длабоко деколте украсено со камења, секако со потпис на „Армани“, чие заштитно лице е, додека изборот на Кидман беше комплетна спротивност одбирајќи креација која е со прав крој, комплетно затворена, со бела панделка во предниот дел, дизајн на модната куќа „Сен Лоран“.

Црната всушност беше чест избор овој пат, па токму во оваа боја ја видовме и Селена Гомез во интересна креација на „Оскар де ла Рента“, како и Наоми Вотс која изгледаше прекрасно во сјајната креација на  „Фенди“.

Лејди Гага изгледаше елегантно во креација на „Армани“ со срцевидно деколте. Меѓу оние што одлучија да се појават во креација во боја беше Кери Вашингтон.

Во горниот дел корсет, а доле со волуменозно здолниште и се' тоа во интензивна жолта нијанса - актерката одлучи вака да остави впечаток одбирајќи ја креацијата на Силија Китариоти.

Црвена латекс креација со крзнена наметка беше изборот на Синтија Ериво, а со потпис на „Луј Витон“.

Ванеса Хадџенс се одлучи за секси тесен фустан од „Ателје Версаче“ во минт нијанса.

Иако во стандардно класично одело, Мајкл Даглас се најде меѓу најкоментираните кога е модата во прашање, а се' поради марамчето кое го носеше во боите на украинското знаме, со што ја изрази својата поддршка за оваа земја.

Џаред Лето повторно беше движечка реклама на „Гучи“ во својот препознатлив ретро стил.

Како изгледаа останатите гости, погледнете во галеријата на почетокот.

Кој е вашиот фаворит?

Објавено:
28 февруари 2022
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
2.531 пати