Што да очекувате од новиот тим на Fashion Police?

14 јануари 2015

Кети Грифин го имаше своето прво појавување како нов член на „Fashion Police“ овој понеделник, а сите оние кои со нетрпение ја чекаа епизодата, истата можеа да ја погледнат вчеравечер на каналот Е!.

Според сите коментари на критичарите, Џоан Риверс може да биде вистински горда на нејзината замена. На почетокот на емисијата, познатата комичарка и оддаде почит на нејзината почината драга пријателка, ветувајќи дека ќе биде бестрашна во коментирањето на секој оној што заслужил.

Таа веднаш започна жестоко, посочувајќи ја сопругата на Џорџ Клуни, Амал како една од најлошо облечените на „Златните глобуси“.

Како највпечатлива на црвениот килим, Кети ја издвои прекрасната актерка Алисон Вилијамс која се појави во фантастична црвена тоалета на Армани Прајв која тежеше цели 18 килограми!

Како што и се очекуваше, дебатата помеѓу тимот на Fashion Police и во оваа, нова епизода била неверојатно остра, а се чини двајцата нови членови сосема добро се снашле.

„Мислам дека имаше многу омраза во оваа дебата, многу несогласувања, но секако и многу смеа. Сметам дека секој ќе сака да ја погледне оваа епизода, бидејќи ветуваме дека многу ќе се забавуваат“, изјави новиот член на тимот Бред Горески.

Омилената Џулијана Рансик по завршувањето на емизијата изјави дека луѓето можеби ќе бидат шокирани, но хемијата помеѓу старите и новите членови на емисијата е апсолутно вистинска.

„Мислам дека одлично се снајдовме заедно, изгледаше како да сме работеле долго време како тим. Имавме одлична хемија и мислам дека одлично ни одеше несогласувањето“, изјави водителката Џулијана Рансик.

Објавено:
14 јануари 2015
Категорија: 
Сцена