Симболиката зад цветниот фустан на „Оскар де ла Рента“ за Џил Бајден

10 ноември 2020

Иако во Америка моментално сите слават - И тимот на Бајден и тимот на Трамп, нешто што веќе сме го виделе и кај нас, сепак меѓу сите тие политички вести, големо внимание тамошните медиуми посветија и на модниот избор на сопругата на Бајден, Џил.

Меланија за време на изборите, а и после тоа, се појави во елегантни креации, во строг крој. Последното појавување беше во црно одело и бела кошула. Јасно, чисто, беспрекорно, како што порача дека треба и изборите, односно гласовите да бидат.

Но, сепак 69-годишната Џил го собра сето внимание, бидејќи јавноста беше жедна да дознае нешто повеќе за жената која може да ја замени Меланија Трамп.

Нејзиниот моден избор беше цветен фустан со потпис на модната куќа „Оскар де ла Рента“, ни малку случаен избор, сметаат модните познавачи.

фото: instagram.com/oscardelarenta

Зошто?

Оскар де ла Рента беше дизајнер кој имаше и беше познат по добрата врска со американските први дами. Во текот на својата кариера, многупати дизајнирал за нив. Џеки Кенеди носеше прекрасен фустан во нијанса на праска, негови креации носеа и Мишел Обама и Лора Буш, а за Ненси Реган и Хилари Клинтон ги дизајнираше фустаните за инаугурација, па со Џил традицијата продолжува.

Некои симболиката ја гледаат и во тоа што модната куќа сега ја водат (кога е креативниот дел во прашање) дизајнерите Фернандо Гарсија и Лаура Ким - имигранти во САД, кои две години по смртта на дизајнерот ја преземаат функцијата на креативни директори. Инаку, и самиот Оскар де ла Рента е имигрант, кој од Доминиканската република доаѓа во Америка.

фото: instagram.com/oscardelarenta

Креацијата е фустан со асиметричен крој во делот на здолништето. На тегет основа се аплицирани везени цветови во (најчесто) црвени нијанси, па многумина во овој избор на боја најдоа симболика која алудира на американското знаме. Други пак, сметаат дека цветниот принт е знак за тоа дека ќе биде нежна и топло пријателски настроена.

Првата дама одлучи да го комбинира со чевли во интензивна розова нијанса со потпис на „Џими Чу“, со што сакаше да покаже дека нема да е досадна и дека е храбра. Ако го отворите нејзиниот инстаграм профил ќе видите дека цветниот принт често е нејзин избор, така што можеби ниту едно од овие толкувања на модните познавачи не мора да се појдовна точка за нејзиниот избор. 

instagram.com/royalfashionpolice

Инаку, овој модел на Оскар де ла Рента беше достапен на страната „Outnet“, но по појавувањето на Џил Бајден се распродаде во рекорден рок. Цената му изнесува нешто повеќе од 5.600 долари.

Џил носеше и црна заштитна маска, што многумина го толкуваа како директна порака до Трамп дека веруваат во корона вирусот и ќе го заштитат народот од него. 

фото: instagram.com/nlvogue

 

Како ви се допаѓа вам нејзиниот моден избор?

Објавено:
10 ноември 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
7.439 пати