Со интересен документарец Викторија Бекам ќе прослави 5 години успешна кариера

28 јануари 2014

Викторија Бекам го објави првото промотивно видео за нејзиниот документарец што наскоро треба да биде објавен, а во кој таа ќе ја раскаже оригиналната приказна за нејзините пет години успешна кариера.

Во соработка со Скајп, британската дизајнерка на нејзините обожаватели ќе им дозволи да „ѕирнат“ во нејзиниото секојдневие, во тоа што значи да се подготвува една колекција од светски рамки, но и колку е тешко да се справи со сите препреки што и се појавуваат на патот.

„Отсекогаш сум ја сакала модата. Секогаш ја гледав мајка ми како се подготвува за излегување и едноставно си велев – па таа изгледа прекрасно“, раскажува сопругата на Дејвид Бекам во кусото видео.

Покрај ова, во документарецот таа објаснува и за тоа дека нејзиниот сон отсекогаш бил да направи сопствена колекција, нешто што никој претходно го нема направено.

Во видеото, свои излагања ќе имаат и некои од нејзините најблиски соработници, но и пријатели кои ќе го споделат мислењето со јавноста. Еден од соработниците е и извршниот директор на компанијата на Викторија, Зак Дуан.

„Ние создадовме нешто што е навистина вредно и нешто со што им го свртевме вниманието на луѓето“, вели Дуан во видеото.

Воопшто не е за сомневање дека Викторија Бекам направи огромен успех создавајќи еден од најавтентичните модни брендови во индустријата, а очигледно е дека не планира да запре тука.

Објавено:
28 јануари 2014
Категорија: 
Сцена