Софија Копола: Скромна генијалка со изострено чувство за седмата уметност

15 мај 2014

Режисерка, продуцентка, сценаристка и актерка, неверојатната Софија Копола е родена на 14 мај, 1971 година во Њујорк. Таа е ќерка на познатиот режисер Френсис Форд Копола, кој што го режираше култниот филм „Кум“ и во раното детство има неколку свои актерски остварувања во филмовите на својот татко. Интересно е фактот дека таа всушност е и крстена на филмскиот сет за време на снимањето на легендарниот филм „Кум“ во 1972 година.

Сепак, актерството не беше професија која што ја маѓепса аурата на Софија, факт што се потврди во нејзината изведба во третото продолжение на филмот „Кум“, каде таа ја играше улогата на Мери Корлеоне. Критичарите остро ја нападнаа нејзината изведба во тоа време констатирајќи лажен идентитет на ликот.

Софија Копола го завршува своето гимназиско образование во 1989. Потоа се запишува на Милс колеџот и Калифорнискиот институт за уметност. По напуштањето на студиите, Копола започнува да дизајнира своја линија на облека насловена Milkfed, која што сега се продава исклучиво во Јапонија.

Во последните 14 години, Софија Копола прерасна во една од најпознатите филмаџии во Америка, доведувајќи ја до совршенство филмската уметност, со следењето на емоционалната пасивност. Во нејзините први четири филма, таа создаде примамливи фиктивни светови, кои што се граничат со уметност, себепронаоѓање, бес и брзина.

Во својот филм „The Virgin Suicides“ од 1999 година, таа опишува едно мало предградие во Мичиген и реакцијата на неговите жители за низата неразбирливи тинејџерски самоубиства на девојки. Во нејзиниот можеби и најдобар филм „Изгубени во преведот“за кој што е наградена со Оскар за оригинално сценарио од страна на академијата за филмски награди и три награди Златен Глобус, во категориите најдобар филм  мјузикл и комедија. После Лина Вертмулер и Џејн Кемпион таа стана трета жена режисер која што воопшто била номинирана во категоријата за најдобар режисер. Со овој значаен чекор таа почна да го гради женскиот модел на режисери што допрва доаѓаат. Нејзината победа во 2004 година и ја донесе поканата да се приклучи на Академијата за филмска уметност и науки.

Филмската „голгота“на оваа режисерка продолжува со филмот „Марија Антоанета“ од 2006 година чија приказна е фокусирана на една мада жена, чија судбина е запечатена од страна на силите што се поголеми и од неа самата.

Софија Копола, вчера го прослави својот 43-ти роденден таа е моментално дел од жирито на Канскиот филмски фестивал, кој што намерно или случајно својот старт го имаше токму вчера на нејзиниот роденден. Сепак, таа и покрај овие ангажмани работи на создавањето нова филмска приказна наречена „Bling Ring“, која што ја раскажува приказната за пет тинејџери, привилегирани деца кои набрзо ќе прераснат во криминалци и одметници како резултат на се поголемиот притисок од страна на социјалните мрежи и општествените појави.

Во поглед на стилот, Софија никогаш не експериментира, секогаш се држи до она во кое таа се чувствува удобно. Класиката е моден правец што никогаш не излегува од мода, па режисерката вешто го вметнува во нејзините модни визии и затоа секогаш изгледа префинето и елегантно. На вчерашното отворање на Канскиот филмски фестивал Копола се појави со грациозна креација потпишана од италијанскиот мајстор Валентино и навистина сјајеше на црвениот килим.

Во една прилика Софија има изјавено дека таа има особено голема страст кон модата. Нејзина омилена марка на чевли се Лубутанки, а обожава да соработува со светски познатите дизајнери, иако не спаѓа во групата жени што практикуваат раскошен и луксузен и балски изглед.

 

 

Објавено:
15 мај 2014
Категорија: 
Сцена