Софија Лорен - витез и дама на светското филмско глумиште

3 август 2013

Икона на италијанската убавина. Софија Лорен е  актерка која има добиено безброј награди и признанија за нејзината глума насекаде во светот. Актерка и секс симбол на меѓународната  кинематографија, Лорен има снимено десетици филмови, а се наоѓа  на листата на дваесет и петте најголеми ѕвезди на сите времиња, прогласени од страна на Американскиот Филмски Институт. Добитничка на два Оскара, (еден за најдобра актерка во филмот „La Ciociara“ од 1960 година и другиот за животно дело во 1991 година), потоа следуваат Златен Глобус и Златен Лав за животно дело во 1998 година, Златна палма во Кан, и многу други признанија. Таа е типична Италијанка, позната уште и под името „Donna Sofia“.

 

 

Софија Лорен во Рим 1956 година

Актерката е родена на 20 септември 1934 година, со име Софија Вилани Шоколоне. Детството и тинејџерските години ги поминува во Pozzuoli, каде живее во духот на наполетанската култура и традиција. Таа својата блескава кариера ја започнува како модел за сликање на постери за сапунските опери, а потоа почнуваат да ја ангажираат како статист во некои од најпознатите филмови во тоа време.

Учествувала на бројни натпревари за убавина, земајќи бројни награди, вклучувајќи ја и наградата за Мис Елеганција, признание создадено за неа на натпреварот за Мис на Италија во 1950 година. Наредната година, 1951, ќе биде пресвртна година за неа. Тогаш се запознава со продуцентот Карло Понти,кој и нуди договор за соработка, а подоцна ќе стане нејзин сопруг и татко на двете деца.

Нејзината кариера почнува вртоглаво да се искачува кон врвот, не само заради фактот што Софија глуми во национални и меѓународни филмови, туку и поради тоа што ја имаше честа да игра рамо до рамо со Алберто Сорди, Тото, Френк Синатра, Џон Вејн, Кери Грант, Кларк Гејбл, Марлон Брандо, Чарли Чаплин и многу други маркантни икони во рамките на светската кинематографија. Ако на овие бардови од светски рамки ги додадеме и светски познатите режисерски имиња на Марио Матиоли, Марио Моничели, Еторе Скола, Дино Ризи, Марио Камерини, Сиднеј Лумет, Ентони Ман, можеме само да заклучиме дека оваа убавица едноставно се нашла во вистинско време, со вистински луѓе, на вистинско место.

 

Софија Лорен со Чарлс Бојер, сцена од филмот La Chance d'Etre une Femme од 1956 година

Филмовите кои ја вивнуваат во ѕвездите се оние на режисерот и актер Виторио Де Сика. Во филмот „In pane amore e“, сцената која остана запаметена е Софија во огнено црвен фустан како игра мамбо заедно со де Сика, а потоа моментите на култни филмски изведби само се редат. Имено ќе ги издвоиме легендарните сцени во филмот „Oggi e Domani“ од 1963 година, каде сензуалниот стриптиз во црн градник пред легендарниот Марчело Мастројани, никого не остави рамнодушен, следува  улогата на борбената проститутка Филумена во „Matrimonio all’Italiana“ од 1964 година, и љубовната приказна помеѓу Антонио и Џована во филмот „Girasoli“ од 1970 година.

Но, филмот кој ја крунисува нејзината кариера и кој и ја обезбеди наградата Оскар од страна на филмската академија во категоријата филм од неанглиско говорно подрачје е филмот „La Ciociara“. Магазинот Time веднаш и ја посвети насловната страна, а илустративниот дел му беше доделен на Рене Буше. Во многу од нејзините филмови таа игра улоги на жени хероини кои кријат една морална доблест, одлика која е типична за италијанската жена. Од 1980-тите години, па се до денес активно учествува во многу телевизиски продукции и реклами. Другиот уметнички аспект со кој е нераскинливо поврзана оваа неверојатна жена е модата. Блиска пријателка на Карла Фенди и муза на Валентино, кој креира многу облека за неа меѓу кои и тоалетата која ја носи на доделувањето на оскарите во 1991 година, каде и беше доделен Оскар за животно дело.

 

Софија Лорен 1960 година

 

Колекцијата за пролет-лето 2011 на дуото Долче и Габана , имаше специјално дизајнирана линија посветена на актерката, која се одликуваше со тесни фустани, везени со скапоцени и полускапоцени камења. Како инспиративна нота, филмската дива им послужи и на Армани, Гучи, Вивиен Вествуд, и многу други бројни дизајнери и модни креатори. Во 1998 година Лорен од страна на градоначалникот на Рим, беше именувана за претседател на Агенцијата за Мода. Голем пријател на семејството Дамиани и амбасадор на истоимениот бренд. Ја красеше насловната на британски Вог во 1965 година, а во 1970 година, се појави и на насловната на американскиот Вог. Покрај наградите и признанијата во рамките на нејзиниот професионален ангажман, оваа актерка е одликувана и со Легионер на честа, во Франција, Со орден за заслуги кон својата земја , Витез на италијанската Република, а во 2009 година влезе и во Гинисовата книга на рекорди како најнаградувана италијанска актерка во светот.

 

Софија Лорен во операта во Виена 1995 година

 

 

 

Објавено:
3 август 2013
Категорија: 
Сцена