Сопругот на Селма Хаек ќе донира 100 милиони евра за Нотр Дам

16 април 2019

По вчерашниот катастрофален пожар во катедралата Нотр Дам, голем број од светските бизнисмени истакнаа дека ќе донираат за реновирање на истата кога ќе биде потребно.

Сопругот на Селма Хаек, познатиот француски милијардер Франсоа Хенри – Пино кој е на чело на компанијата Керинг под чија „капа“ се брендови како Гучи и Ив Сен Лоран, вети дека ќе донира неверојатни 100 милиони евра за реновирање на катедралата.

По донацијата на Пино, се огласи и најбогатиот човек во Франција, мулти милијардерот Бернард Арно кој е на чело на LVMH групацијата и посочи дека ќе донира неверојатни 200 милиони евра за веднаш да се отпочне со реновирање.

Овие пораки дојдоа по емотивниот говор на францускиот претседател Емануел Макрон кој видно потресен пред катедралата која беше во пламен изјави дека уште веднаш ќе отпочне кампања за донации за да се врати стариот сјај на објектот.

Тој изјави дека иако најлошото помина и фасадата и двете кули се спасени, следните неколку часа ќе бидат критични.

Првиот човек на противпожарната служба во Франција, Жан Клод Гале изјави дека се среќни бидејќи главната структура на катедралата е спасена што е многу важно.

Нотр Дам утрово

Иако пожарот направи огромна штета во Нотр Дам, брзата реакција на пожарникарите заврши голема работа.

Засега сè уште нема официјална потврда за причината за пожарот, иако пожарникарите велат дека најверојатно истиот е предизвикан од нешто поврзано со реновирањето кое е во тек од неодамна.

Експертите долго време предупредуваа дека катедралата е во лоша состојба и дека треба што побрзо да се реновира, но државата наместо потребните 150 милиони евра, обезбеди само 40.

Инфо и фото: Daily Mail

Објавено:
16 април 2019
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
980 пати