Спектакуларните костими од мега серијата Game of Thrones

23 јуни 2014

Минатата недела се емитуваше последната епизода од четвртата сезона на мега серијалот Game of Thrones. За сите фанови ова можеби навидум беше големо разочарување, но одговорните најавија дека во тек е снимањето на петтата сезона од оваа толку обожавана серија ширум светот. Во етерот веќе излегоа и фотографиите од костимите кои ќе ги носат ѕвездите во новата сезона.

Главните виновници за спектакуларните костими кои пленат со неверојатна и мошне инвентивна игра на кроеви и везови се Мишел Клептон и Мишел Калагер.

Поради беспрекорната изработка и префинетост во поглед на дизајнот, двете дизајнерки откриваат кои се насоките според кои се водат при изработката на еден костим. Според нив потребно е пред сè да чувствувате задоволство кога работите, без разлика колку е напорен процесот. И двете се опседнати со деталите и концептот на убавина. Фиксацијата, естетиката, квалитетот и нормално фантазијата се клучни сегменти во креирањето на едно ремек дело.

Според креативките клучен сегмент е и искуството, како и посветеноста, односно трпението во изработката на деталите, бидејќи костимите генерално се 90 проценти детали, а само десет проценти структура, така да спецификата и уникатниот момент треба да го доловат токму деталите. Дизајнерките велат дека секој костим кој го создаваат е само еден мал дел од нивниот моден универзум кој ја следи насоката на автентичност во поглед на изгледот, кохеретност во поглед на кроевите, специфичност во изработката на детали кои се од витално значење особено за доловување на филмската визија на ликот и на крај следува естетскиот квалитет.

Во светот на костимографијата се нашле сосема случајно, имено Мишел Клептон првично дизајнирала облека и организирала ревии за претставување на своите парчиња, но после некое време сфатила дека модата е многу искомерцијализирана и тоа е нешто кое не и се допаѓа и затоа своите дизајни решила да ги понуди во театарските куќи по што следува невидена револуција од понуди. Мишел Карагер уште додека студирала сакала да изработува деликатни детали и кроеви. Тоа бил преодниот момент за и таа да се посвети на костимографијата како професија која дозволува поголема слобода во креирањето на моделите, но не во поглед на слепо следење на трендови, туку во создавање на еден моден времеплов кој еволуирал низ годините.

Костимографките откриваат дека се почнува со инспирацијата која ја добиваат од скриптата кои тие ја читаат неколку пати за да можат во својата глава да почнат да оформуваат некакви слики за карактерите на ликовите кои треба да ги облечат. Изборот на соодветна креација, односно на изработка на вистинската креација која не само што ќе му одговара на ликот, туку ќе одговара и со временскиот период е процес на меѓусебна интеракција, цртање скици, тестови, бирање материјали и многу работа. Па потоа следува фитингот со актерите, па изработката на накитот, реквизитите, фризурите и шминката за конечно да се стигне до конечниот изглед. Во продолжение погледнете ги фотографиите на новите костими од серијата.

 

Објавено:
23 јуни 2014
Категорија: 
Сцена