Стилот на хрватската претседателка Колинда Грабар

23 мај 2017

Досега повеќе пати сме пишувале за стилот на жените од светската политичка сцена, а овој пат вниманието ни го привлече првата претседателка жена во Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ.

Таа неодамна на еден политички настан се појави во фустан од тантела на хртватската дизајнерка Александра Дојчиновиќ, што тамошните модни критичари ги осудија.

Нивниот коментар беше дека изборот на тешка тантела за претседателката не е добар, и покрај тоа што моделот и боите се убави. Тенкиот, зелен ремен, само ја влошува ситуацијата, бидејќи ги нагласува недостатоците.

Ова не е првпат Грабар да се најде на удар на модните критичари. Таа честопати е критикувана дека бира погрешен крој и лоши ткаенини, како и тоа дека претерува со црно-белите комбинации и про-хрватските модни додатоци.

Доказ за тоа дека таа ги слуша критиките е сè позабележителното подобрување на нејзиниот стил. Фустани во интензивни бои или со принт се сè почест нејзин избор, а особено внимание привлекува со храбриот избор на чевли, поради што ја поистоветуваат со британската премиерка Тереза Меј, што ќе признаете е и малку претерана споредба.

Сепак, иако стилот се подобрува, фризурата останува иста – пуштена и кадрава или собрана во пунџа, повторно навиткана. Модните стручњаци апелираат да направи промена и во овој сегмент од изгледот со што впечатокот би бил уште подобар.

Таа не преферира накит, а и чантите не ѝ се силна страна, но затоа марамите се нејзин омилен моден додаток.

За пофалба е што таа се труди што почесто да носи хрватски дизајн, па меѓу омилените ѝ се споменатата дизајнерка Александра Дојчиновиќ, на чија и ревија се појави неодамна, како и брендот „Elfs“.

Во галеријата погледнете дел од нејзините стајлинзи. Какви се вашите впечатоци?

 

извор: fb, tportal.hr

Објавено:
23 мај 2017
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
4.992 пати