Светскиот ден на театарот: Актерките Хелен Мирен и Сузан Акбелге со порака да се разбуди креативноста

27 март 2021

Актерката Сузан Акбелге, која публиката ја знае од филмовите „Балканот не е мртов“„Најтешкото нешто“, претставите „Отело“„Сон на летната ноќ“, „“Комедија на грешки“ и тв серијата „Збогум Румелија“ е авторка на македонската порака за Светскиот ден на театарот. Во нејзината порака, зборува за тешкото време во кое се наоѓа човештвото и театарот, како и за потребата за креативност, иновативност и истражување на нови модели и форми на театарско битствување. 

Фотографија: Ана Лазаревска

„Кога сите дефиниции за театарот паѓаат во вода за време на криза, предизвик и културна обврска на секој поединец-уметник е да повикува на повисок степен на одговорност, иновативност, креативности истражување на нови модели и форми на театарско битисување сега и во иднина. Денес на светскиот ден на театарот, во време на голема криза кога во изобилие го имаме само времето... Ве поканувам да сонуваме со очи ширум отворени, да ја разбудиме креативноста преку која постоиме," - гласи дел од пораката.

Британската актерка Хелен Мирен ја креираше светската порака по повод Светскиот ден на театарот, во која вели: 

„Луѓето меѓусебно си раскажувале приказни откако постојат на планетава. Убавата култура на театарот ќе живее додека ние опстојуваме на неа. Креативниот нагон на писателите, дизајнерите, танчерите, актерите, музичарите, режисерите, никогаш нема да биде потиснат, а во блиската иднина тој повторно ќе процвета, со една нова енергија и нови разбирања на светов, кој сите ние го делиме. Едвај чекам!’’

 

Преводот на пораката на Хелен Мирен е дело на д-р Иванка Апостолова Баскар, а пораката на македонски јазик ја чита актерката Емилија Мицевска Трајковиќ.

Светскиот ден на театарот традиционално се одбележува уште од 1948 година. 

 

Објавено:
27 март 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
663 пати