Тенискиот ас Марија Шарапова е новото лице на FTBC и The Edit

22 август 2014

Џоди Снајдер, Џенифер Фишер, Марија Шарапова, Стивен Колб, Памела Лов, Даниела Снајдер и Бетси Џонсон Џоди Снајдер, Џенифер Фишер, Марија Шарапова, Стивен Колб, Памела Лов, Даниела Снајдер и Бетси Џонсон

Советот на модни дизајнери од Америка вчеравечер во  „New Museum“ во Њујорк ја прослави јубилејната 20-годишна хуманитарна кампања за помош на болните од рак на дојка „Fashion Targets Breast Cancer“. Познатата руска тенисерка Марија Шарапова  е новото лице на годинешната кампања, а на забавата се појави облечена во ретро фустан со должина до над колена во комбинација на беж и бела боја, потпишан од легендарниот Марк Џејкобс. Русокосата убавица креацијата ја комбинираше со едноставни бели сандали, пуштена коса и дискретна шминка.

Марија Шарапова во Марк Џејкобс Марија Шарапова во Марк Џејкобс

Како заштитно лице на кампањата, Шарапова ја имаше честа да позира со четири познати дизајнери кои се дел од Советот на модни дизајнери на Америка, а едиторијалот ќе биде објавен на 14-ти септември во неколку модни списанија како Vogue, Vanity Fair и T Magazine.

Брендон Фолис и Хана Бронфман Брендон Фолис и Хана Бронфман

„Чест ми е што сум дел од годинешната кампања која традиционално ја организира Советот на модни дизајнери во Америка, а особено ми се допаѓа што настанот има хуманитарен карактер. Веќе дваесет години проектот има за цел да ги мобилизира и едуцира претставниците на модната индустрија и јавноста за болеста која за жал зазема се поголем замав. Треба да научиме да бидеме солидарни и да си помагаме. Негувам голема страст кон модата и стилот и навистина сум импресионирана од резултатите што ги има постигнато „Fashion Targets Breast Cancer “ во соработка со CFDA“, рече Шарапова за медиумите.

Бетси Џонсон Бетси Џонсон

Всушност организацијата FTBC, беше инспирирана од Ралф Лорен кој е член на Советот на модни дизајнери на Америка. Најдобрата работа на оваа иницијатива е што секој долар кој што е дониран е искористен единствено за помош на заболените од оваа болест како и за нивно лекување. На забавата присуствуваа и Стивен Колб, дизајнерката Бетси Џонсон, Памела Лов, Џоди Снајдер и многу други.

Како последна вест која ја пласираа медиумите за Марија Шарапова  е едиторијалот за магазинот „The Edit“. Гордата сопственичката на голем број спортски награди на насловната страна на списанието, но и во едиторијалот е прикажана во едно поинакво светло, надвор од спортските терени.

Фотографските кадри особено го нагласуваат сексапилот, природната убавина и женственоста која ја поседува оваа позната тенисерка. Рускиот женски ас во тенисот позираше облечена во класични парчиња облека, дел од неколку есенски колекции на познати модни брендови. Елеганцијата и удобноста како и предимензионираните парчиња  го доловуваат вистинското лице на оваа згодна спортистка.

Објавено:
22 август 2014
Категорија: 
Сцена