Ванеса Брајант: Бог знаеше дека не можеа да бидат на Земјата еден без друг

25 февруари 2020

Како што беше и најавено, во Лос Анџелес, во „Стејпл центарот“ вчера се одржа комеморацијата за трагично починатите Коби Брајант, неговата ќерка Џиџи.

Ова е прво јавно обраќање на Ванеса по несреќата на 26 јануари годинава.

Со многу солзи и емоции кои го земаат здивот, таа посвети говор на нејзините сакани.

„Првин, сакам да ви се заблагодарам на сите што дојдовте денеска. Љубовта и поддршката што моето семејство ги почувствува од целиот свет нè креваа. Ви благодарам на сите за вашите молитви. 

Сакам да зборувам за двајцата, а ќе почнам со мојата Џиџи.

Џиана Брајант е неверојатно слатка и нежна душа. Секогаш беше внимателна, секогаш ме бакнуваше за добра ноќ и добро утро. Во неколку наврати, кога бев апсолутно преморена зашто бев будна со Бјанка и Капри, мислев дека заминала на училиште без да ме бакне. Ќе ѝ пратев СМС: „Нема бакнеж?" Џиана ќе ми вратеше: „Мама, те бакнав, но ти спиеше и не сакав да те будам." Таа знаеше колку ми значат вечерните и утринските бакнежи. Беше татино девојче, но знам дека си ја сакаше мајка си. Секогаш ми кажуваше и покажуваше колку ме сака. Ми беше една од најдобрите пријателки. Сакаше да прави колачи. Да мами насмевки на сечие лице. 

Нејзината насмевка беше како сонце. Нејзината насмевка го заземаше целото нејзино лице, како мојата. Таа ги имаше мојот оган, мојот карактер и сарказам, но беше нежна и полна љубов.Ја имаше најубавата насмевка. Беше заразна, беше чиста и искрена. А имаше меки усни на татко ѝ. Коби и Џиана природно гравитираа еден околу друг. Таа ја имаше способноста на Коби да слушне песна и да го запомни цел текст само по неколку слушувања. Тоа беше нивен таен талент. Таа беше неверојатен спортист. Беше одлична во гимнастика, фудбал, танц и кошарка. Беше и неверојатна танчарка.

Нема да ја видам Џиџи како оди во средно. Немавме можност да ја научиме како да вози автомобил. Нема да можам да ѝ кажам колку прекрасно изгледа на нејзиниот свадбен ден. Никогаш нема да ја видам мојата малечка како чекори до олтарот, како танцува со татко ѝ, со мене или да има свои деца. Џиана ќе беше неверојатна мајка. Џиџи веројатно ќе станеше најдобра во WNBA. Ќе направеше голема разлика во женската кошарка. Џиџи беше мотивирана да го промени мислењето на сите кон жените во спортот. 

Не можам да си го замислам животот без неа“, беше дел од говорот на Ванеса посветен на нејзината ќерка.

А потоа се осврна и на нејзиниот Коби.

„Коби беше познат како бестрашен на кошаркарскиот терен, најдобриот на сите времиња, писател, Оскаровец и Црната мамба. Но, за мене, тој беше Коко, мој „бубу“, мој „бејби“, мој „папи чуло“. За мене тој не беше славна личност, на него не можев да гледам ниту како на неверојатен кошаркар. Тој беше мој сладок сопруг и прекрасен татко на нашите деца. Тој беше мој, тој ми беше сè. Со Коби бевме заедно од мојата 17 година. Јас му бев прва девојка, негова прва љубов, негова сопруга, негова најдобра пријателка и негов заштитник. Тој беше најневеројатен сопруг. Коби ме сакаше повеќе одошто можам да опишам со зборови. Тој беше ранобуден, јас - ноќна птица. Јас бев оган, тој беше мраз, а понекогаш и обратно. Се балансиравме. Тој ќе направеше сè за мене...

..Ми ги подари бележникот и синиот фустан кој Рејчел Мекадамс ги носеше во филмот „The Notebook". Кога го прашав зошто го избра синиот фустан, тој ми рече дека тоа е фустанот кој Али го носи кога се враќа кај Ноа. Се надевавме да остариме заедно, како во филмот. Навистина имавме прекрасна љубовна приказна.

...Беше многу лесно да ги сакаш. Сите природно гравитираа кон нив. Бог знаеше дека не можеа да бидат на Земјата еден без друг.

Бејб, ти грижи се за нашата Џиџи, а јас ги имам Нани, Биби и Коко. Сè уште сме најдобриот тим. Ве сакаме и ни недостигате, Бубу и Џиџи. Почивајте во мир и забавувајте се во рајот додека еден ден повторно не се сретнеме“, низ солзи рече Ванеса.

Инаку, на комеморацијата присустваа и семејството Кардашијан, Џенифер Лопез, Кристина Агилера, Бијонсе, Алиша Киз, кои веројатно го имаа еден од најтешките настапи во животот. Посебно Алиша Киз, која ја отсвире Месечевата соната од Бетовен, омилената композиција на Коби, а посветена на неговата љубов, Ванеса. Тој во една прилика погледнал накај месечината и му рекол на кумот, Роб Пелинка, дека ќе научи да ја свири Месечевата соната по слух и ќе ѝ ја отсвири на Ванеса, како доказ за неговата љубов.

„Кога ми го кажа тоа, си помислив нема шанси... Следното утро, Коби се јави и ми ги отсвире првите неколку такта. Следното утро уште неколку. До крајот на неделата ја знааеше цела и ми ја отсвири преку телефон без грешка“, се присети Пелника.

На сцената зборуваше и Мајкл Џордан, кој беше голем пријател со Коби:

„Го сакав Коби како помлад брат што никогаш не сум го имал. Тој сакаше да биде најдобриот можен кошаркар, а јас сакав да му бидам најдобриот можен постар брат. Кога тој умре, умре и дел од мене, а верувам и дел од сите вас кои вечерва сте тука. Ќе живеам во спомени дека му помагав на мојот мал брат колку што можев", рече спортската легенда.

За потсетување, датата 24.02.2020 не беше воопшто случајно одбрана. Два беше бројот на кошаркарскиот дрес на Џиана, а 24 на еден од дресовите на Коби. Бројот дваесет пак, ги претставуваше годините кои Коби ги поминал со Ванеса, но и бројот на годините како дел од тимот на „Лејкерси“.

 Целото видео во продолжение:

 

Објавено:
25 февруари 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.907 пати