Василичарски концерт: Три дами во совршени креации со врвна елеганција од домашниот бренд Елена Лука

13 јануари 2021

Со убави желби, позитивна мисла и прекрасни мелодии на „Најголемите хитови“, вчеравечер во салата на Националната опера и балет се одржа традиционалниот „Василичарски концерт“.

Публиката уживаше во некои од најпопуларните светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп солисти, кои се потрудија да ја испочитуваат свечената нота и традицијата на настанот.

Црната умее да биде чест и сигурен избор на многумина, но три дами кои се појавија на сцената вчеравечер покажаа дека црната може да биде и тоа како впечатлив моден избор.

Биба Додева, Дани Димитровска и Наде Талевска ја дадоа (и потврдија) својата доверба на домашниот еминентен бренд Елена Лука. Тие се појавија во креации кои се сосема во склад со нивната енергија, моќност на сцената и личност.

Биба Додева - доза гламур во фустан и наметка кои се совршен спој на безвременското и трендовското

Ткаенините со дискретен, елегантен сјај се апсолутен хит сезонава, како потсетник за тоа дека доза гламур е секогаш добредојдена и потребна, а токму тоа беше и изборот за создавањето на фустанот за Биба Додева. 

Креацијата која лежерно ја следи линијата на телото, а на половината има ремен од кадифе, кој дополнително го нагласува женското тело. Комбинацијата е збогатена со фантастична, луксузна наметка од кадифе - кралската ткаенина и долги свилени реси кои се рачно создавани. Позиционирани во делот на ракавите, односно средишниот дел на грбот и долниот дел на наметката, се асоцијација на естетиката од 20-тите пренесена во денешен контекст. Амблемот на брендот е позициониран централно на задниот дел од наметката, како препознатлив потпис на модната куќа. Внимателно одбрани елементи кои и сами по себе се мошне впечатливи, но и во ваква композиција совршено функционираат заедно, притоа не поништувајќи се меѓу себе.

Оваа комбинација е полн погодок бидејќи е спој на класика и тренд, ретро и модерен изглед, а лесно може да се прилагоди и на различни типови тело, што е само потврда дека се работи за комбинација која му пркоси на времето, а совршено се вклопува во современиот моден израз.

@bbdodeva; 

Дани Димитровска - одело во машки крој со рачно изработени елементи за моќен изглед

Од друга страна, Дани Димитровска се појави во комбинацијата која веќе сезони наназад е во самиот врв на модните листи на трендови - одело во машки крој.

 

-Василичарскиот концерт е една традиционална манифестација која според мене е еден од најубавите настани кои ги организира Националната опера и балет. Ми се допаѓа бидејќи е празничен настан кој одбележува нешто свето, а кое се прославува со музика. Со Елена Лука имаме долгогодишна соработка, па стајлингот и овој пат беше лесен и едноставен за договарање. Во консултација со креативниот тим на Елена Лука, се одлучивме за изглед соодветен на настанот. Многу ми е важно да се чувствувам слободна во она што го носам и да се чувствувам слободна при изведувањето - нагласи Дани.

Панталони со широки ногавици и долго палто со ревери - парчиња кои се комуницираат како машки, но совршено ја одразуваат женската сила и моќ. Елена Лука успеа една позната естетика да ја надгради и да создаде впечатлива, елегантна, па дури и празнична комбинација ако сакате, која совршено може да се вклопи во различни пригоди.

Палтото е со нагласени раменици, а горниот дел збогатен со светкава ткаенина, реси и монистра, кои се рачно везени и шиени. Совршена доза на сјај, софистицираност во изразот, изработката и естетиката, сведеност која не само што го прилекува, туку и го задржува вниманието. Ова е само еден успешен пример за тоа како една класична комбинација може да добие на несекојдневност и препознатливост.

 

Наде Талевска - комбинезон за жени со смел моден израз 

Наде Талевска пак, се појави во комбинезон - уште еден актуелен тренд, кој модната куќа го претстави со свој моден печат. Ова парче, навидум класично, всушност е мошне смело и наменето за храбри дами. Предниот дел е впечатлив поради интересниот аглест израз, кој завршува во длабоко V. Ракавите се долги, но во долниот дел "отворени", а истата естетика е применета и во предниот и задниот дел на комбинезонот, кој ја следи линијата на женското тело.

И можеби гледајќи ја креацијата си помисливте дека грбот е класичен, затворен, но не. Грбот е отворен, но сепак сврзан со ракавите  и внесува дополнителна доза на сексапил. Ременот на средината ја нагласува половината. Сите овие елементи ја прават креацијат уникатна и создадена за жени со самодоверба.

Овие примери не само што покажаа како на вистински начин може да се направи едно класично парче да изгледа впечатливо, туку покажа доследност во изразот на една модна куќа. Сите три креации ја нагласуваат женската моќ, женственост и рачната изработка, која секогаш е во фокусот на Елена Лука. 

 

-Сцената секогаш е предизвик. Бара моќен визуелен израз што истовремено ќе одговори и на темата и на изведувачот, на концептот и формата на изведба... И секогаш искуството е различно и поинакво од претходното. Затоа посветувам исклучително внимание кога Елена Лука се потпишува зад стајлингот што треба да се носи со грандиозноста на сцената. Се радувам што годината ја започнуваме на овој начин, еден толку благороден и трдиционален настан како што е Василичарскиот концерт беше сценски предизвик на кој заедно со мојот тим со задоволство одговоривме, особено кога од другата страна како соработници имате дами и докажани професионалци како Биба, Дани и Наде. Моќни жени кои знаат да ја носат авангардата на Елена Лука и да и дадат автентичност. Затоа и резултатот е таков каков што е – маркантна и фантастична хармонија помеѓу уникатен сценски изглед, беспрекорен глас и изведба и дами кои владеат со сцената - посочи г-ѓа Елена Пандева, сопственик, генерален менаџер и водечки дизајнер на Елена Лука.

Инаку, повеќе од 25 години Василичарскиот концерт е дел од програмата на Националната опера и балет и дури во ова време на пандемија не ја прекинаа традицијата. Изведувачите, меѓу кои и Андријана Јаневска, Огнен Здраковски, Ѓорѓи Цуцковски..., а беа придружувани од оркестарот на Националната опера и балет, а под водство на Бисера Чадловска.

 

Во продолжение можете да видите уште неколку фотографии од вчерашниот концерт.

 

 

 

Објавено:
13 јануари 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
1.953 пати