(видео) Нов скандал ја тресе Србија: Ме силуваше мојот колега и пријател Бранислав Лечиќ

23 март 2021

Вака гласи обвинувањето на младата актерка Данијела Штајнфелд, изјава која ја разбранува не само српската, туку и балканската јавност.

Бранислав Лечиќ важи за еден од најеминентните актери во Србија, а своевремено беше и Министер за култура.

Таа во видео-интервјуто за „Инсајдер“ откри детали за настанот за кој вели дека оставил силни трауми и дека две години била на лекување на потстрауматски стрес.

Инаку, за потсетување, пред неколку месеци таа изјави дека е силувана од еден мошне познат и моќен човек во Србија кој „не се симнува од телевизија“. Тогаш не сакаше да го каже името на сторителот, а сега одлучи да го соопшти на Јавното обвинителство.

Таму е приложена и аудио-снимка од нивниот разговор четири години после страшниот чин, кој предизвика бурни реакции во јавноста.

Штајнфелд изјави дека можеби и никогаш не би го открила името, за една негова изјава не ја прелила чашата.

Имено, Лечиќ претходно изрази грозење за случајот со Мика Алексиќ и Милена Радуловиќ, но она што посебно ја вознемирило актерката е неговиот повик, учениците од школото на Алексиќ да преминат во неговото школо.

„Тогаш сфатив дека имам и општествена одговорност“, вели актерката.

Бранислав Личиќ во изјава за српските медиуми се изјасни дека тоа се „ужасни лаги“ и дека тој нема проблем да го почитува правото и дека ќе соработува со обвинителството.

После појавата на аудио-сниката на својот твитер профил напиша само: „Луѓе, само полека“. 

 

Најновата негова изјава е дека е подготвен да оди и на полиграф:

„Јас, Бранислав Лечиќ, од Белград, најодлучно негирам било какви обвинувања кои се изнесени на моја сметка. Никогаш во животот не сум направил ниту едно кривично дело, а уште помалку силување или било кое сродно или слично дело. Ја користам оваа прилика да го известам надлежното обвинителство, а и јавноста дека апсолутно немам што да кријам, дека немам намера да ја напуштам територијата на Србија и во оваа прилика го молам надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи на Република Србија, без одложување да ми упати повик за сослушување. Исто така, под полна материјална и кривична одговорност, подготвен сум да се подвргнам на полиграфско испрашување, на сите прашања, вклучувајќи ги и прашањата за разговорот со Штајнфелд, објавен во некои медиуми“, се вели во писмената изјава која актерот ја даде за весникот „Данас“, а ја пренесуваат српските медиуми, во која додава дека на полиграф ќе оди без употреба на било какви седативи и лекови и без претходно да ги види прашањата“.

На социјалните мрежи има спротиставени мислења.

Додека едни сочувствуваат со девојката и ѝ пружаат максимална поддршка, други сметаат дека е само уште една во низата на оние што сакаат да бидат популарни.

На такво мислење е и српската актерка и писателка, Јелена Тинска: „ Еве уште една која била исплашена да пријави и да обелодени... ма дајте веќе... Сите се силувани, кутрите, сега им се  допаднало да бидат популарни“, со што дополнително предизвика бурни реакции.

Меѓу останатите, своја изјава даде и ќерката на Бранислав Лечиќ, Ана: „Премногу е тешко да се одоговори на вакви напади, а врзано за некој кој ми е родител. Се' што можам да кажам е дека знам каков човек е мојот татко и тука сум мирна. Вистината ќе излезе на виделина“.

Изјава за „Мондо.рс“ даде и познатиот актер Милан Лане Гутовиќ: „Ми изгледа дека обвинувањата за силување во актерската индустрија станаа мода и начин на привлекување внимание. Не знам дали е така и во овој случај, ниту пак сум слушнал што се случило“.

 Инаку, кога првпат во медиумите се појавија информации за тоа дека „некој моќен човек од домашната филмска индустрија“ ја обечестил младата актерка, Лечиќ тогаш даде изјава дека работата мора да се докаже и дека треба да се започне судски процес: „Се' што младата колешка има доживеано е недостојно и спаѓа под некој вид мобинг“, сметаше тогаш актерот.

Ова е втор ваков скандал во Србија во рок од неколку месеци, што фрла сосема ново светло врз оваа индустрија таму.

Инаку, актерката веќе години наназад живее во Америка, каде го сними документарниот филм „Hold me right“, кој како обасни, говори за последиците и причните за молчење при злоставување и сексуално вознемирување.  

Објавено:
23 март 2021
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
6.470 пати