Време е за фестивалска мода!

19 март 2014

Иако во нашиот град се ретки пролетните фестивали што и тоа како ни недостасуваат, не значи дека не треба да им се восхитуваме на оние светските. За точно 23 дена ќе се случи еден од омилените светски пролетни фестивали на кој секоја година уживаат повеќе од 85.000 посетители во една вечер – неповторливиот Коачела.

Токму на овој фестивал што се одржува традиционално во Калифорнија, модата е една од најозборуваните теми, понекогаш дури и повеќе од самите настапи на светските ѕвезди.

Низ годините наназад навикавме на овој фестивал да гледаме некои од најпознатите светски модели, пејачки, актерки во ултра урбани комбинации што потоа се копираа во текот на целата година.

Алесандра Амбросио Алесандра Амбросио

Оваа година се очекува фестивалот да биде супер забавен со оглед на тоа дека се најавени настапи на некои од најголемите светски музички имиња во моментов, но и такви кои оставија огромен печат низ историјата.

Па така, среќниците на Коачела ќе можат да го слушаат Калвин Харис, Џон Њуман, Лорд, Мјус, Фарел Вилијамс, Рудиментал, Лана дел Реј, а ќе имаат можност да уживаат и во настапите на Фетбој Слим, Queens of the Stone Age, Брајан Фери, но ќе бидат сведоци и на големото реобединување на Аукаст.

Според многумина, доколку имате можност да присуствувате на Коачела фестивалот, никогаш нема да погрешите доколку се појавите во веќе проверените бохо комбинации.

Голем број на светски магазини и критичари посочуваат дека токму Коачела пролетниот фестивал е еден вид на неофицијална модна недела, што дефинитивно се потврдува од година во година.

Девојките секогаш ги облекуваат своите беспрекорни „откачени“ комбинации во кои, по правило, треба да изгледаат како воопшто да не се грижат за својот изглед, туку истиот е тотално кул самиот по себе.

Според многумина, сите посетители на фестивалот заедно со ѕвездите во пакет, се дотеруваат само за да бидат фотографирани од безбројните фотографи кои „ловат“ стајлинзи низ долината.

Како и изминатите години, така и оваа повеќе од сигурно е дека сите девојки во чија група ги вбројуваме и ѕвездите, ќе се потрудат да изгледаат тотално хипи со многу, ама навистина многу цвеќиња во главата и на облеката секако.

Во продолжение да се потсетиме на некои од најдобрите стајлинзи што можевме да ги видиме на Коачела изминатите неколку години, додека сме во исчекување на новите (и да, додека чекаме нешто слично да се организира кај нас).

Објавено:
19 март 2014
Категорија: 
Сцена