Веќе подолго време сме сведоци на враќањето на модата од 90 – тите кога девојките обожуваа да носат комбинезони, карирани кошули, бели маички и фустани со тенки прерамки, здолништа со цветен принт, блузи со апликации и што уште не.
Покрај во модата, трендовите од 90 – тите се враќаат и кај музиката, филмот и телевизијата, во што ние со особена радост и носталгија уживаме.
Кога говориме за модата, во неколку наврати можеме да ги видиме познатите супер модели од 90 – тите кои и денеска изгледаат подеднакво добро како и тогаш.
Денеска, тие повторно се ангажираат за бројни рекламни кампањи, едиторијали, ревии, колекции и што уште не, со што не потсетуваат на едно убаво време.
Тогаш, но и денеска, ние го обожуваме нивниот стил кој имаше огромно влијание врз девојките, а се чини тоа влијание и денеска, сѐ уште игра голема улога.
Некои од познатите девојки од 90 – тите со својот имиџ оставија печат во модата, музиката, филмот и многу други области.
Позната по бројни филмови од 90 – тите, Винона Рајдер беше една од најактуелните, уникатни девојки кои често знаеја да бидат и бунтовни, нешто што момчињата го обожуваа.
Таа имаше кратка коса, секогаш носеше винтиџ парчиња и знаеше на неверојатен начин да ја спои нејзината женственост со имиџот на мала и слатка девојка.
Кревка, а истовремено толку своја и самоуверена, таа стана идеал на секоја девојка од таа деценија.
За разлика од неа, убавицата Ума Турман своето големо пробивање го имаше со култниот Pulp Fiction на Квентин Тарантино од 1994 – та година, кога со улогата на фатална мафијашка сопруга воведе некои нови модни стандарди.
Деведесетите ги паметиме како доба на експериментирањето, а токму тоа најдобро знаеше да го прави оваа актерка која на единствен начин знаеше да го комбинира кичот со минимализмот.
Дури и по 20 години, „Миа Валас“ сѐ уште важи за една од најубавите дами во светот кои ќе останат вечна инспирација.
Кралицата на модните писти, Кејт Мос, во текот на 90 – тите носеше буквално што и да посака и сето тоа на еден интересен начин изгледаше совршено.
Таа воодушевуваше со својата појава повеќе од цела деценија, а особено интересно беше тоа што таа не личеше на другите супер модели. Таа беше пониска, без облини, со младолик изглед, но со неверојатна енергија и шарм на кој никој не можеше да одолее.
Магазинот New Yorker ја прогласи Клое Севињи за најкул девојката во светот кога таа имаше само 19 години, а без проблем и денеска го носи тој епитет, иако има повеќе од 40 години.
Таа беше позната по нејзиниот лежерен стил со посебен печат на секоја комбинација, нешто тренди, но истовремено толку уникатно по кое остана омилена и денеска.
P.J Harvey беше кралица на „dark“ сцената. Од музиката, па сѐ до нејзините модни избори, таа секогаш изненадуваше. Таа секогаш ќе не потсетува на тоа како темната и мрачна страна може да биде привлечна и неверојатно женствена.
Кадифе, кожа, црна и темно црвена боја, црвен кармин и црно моливче беа само некои дел од работите по кои многумина ја препознаваа.
Извор: Journal.hr