Долгоочекуваните „Златни глобуси“ се одржаа во понеделеникот, а впечатоците од 77.издание на манифестацијата сè уште не стивнуваат.

Рики Џервис кој во 2011 година се најде на црната листа на „Златните глобуси“ откако како домаќин претера во исмевањето на познатите личности, сепак оваа година по петти пат се најде во истата улога. Не брилираше, напротив, имаше лоши шеги со кои многу од познатите јасно изразија несогласување.

Награди...

Кога се наградите во прашање, може да се рече дека дел од нив можеа да се претпостават, но некои беа и вистинско изненадување.

На пример,очекувано, Хоакин Феникс е прогласен за Најдобар актер во драма за неговата фантастична глума во хитот „Џокер". Рене Зелвегер пак е Најдобрата актерка во драма, за улогата на Џуди Гарланд.

На Аквафина ѝ беше доделена наградата Најдобра актерка во мјузикл/комедија, а Тарон Еџертон беше прогласен за Најдобар актер во мјузикл/комедија.

Бред Пит ја доби наградата за Најдобра споредна машка улога во „Си беше еднаш во Холивуд“, додека Квентин Тарантино за истото остварување си замина со наградата за најдобро сценарио, изјавувајќи дека нема кому да му се заблагодари, бидејќи го пишувал сам, а филмот беше прогласен и за најдобар во категоријата Најдобар мјузикл/комедија.

Наградата за најдобра женска споредна улога ја доби Лора Дерн за улогата во „Брачна приказна“

Иако сите очекуваа наградата за Најдобар филм во категоријата драма да му припадне на „Џокер“ или „Брачна приказна“, сепак за најдобро беше прогласено остварувањето „1917“

„Чернобил“ беше прогласена за најдобра лимитирана серија. Целата листа на победници ја имате на линкот ТУКА.

 

Црвен килим

За разлика од минатата година, кога тема беше движењето #MeToo и сите носеа црна облека во знак на солидарност со жртвите, оваа година немаше тема, па гледачите беа сведоци на колоритни креации на црвената патека.

 На листата на најдобро облечени се најде Џенифер Лопез, која носеше креација на „Валентино“ во впечатлива волуменозна панделка во предниот дел. И Луси Бојл ги освои симпатиите на модните критичари, во сребрена металик креација, со рачно шиена тантела, за чија изработка биле потребни 435 часа.

Скарлет Јохансон изгледаше прекрасно во црвената креација на Вера Ванг, а за истата боја се одлучи и Никол Кидман, но нејзиниот фустан е со потпис на „Версаче“.

Рене Зелвегер носеше сина креација со скапоцени камења, која ја следеше линијата на нејзиното тело. Актерката довербата му ја даде на Армани, чија листа на познати личности што носеа негови креации беше долга. „Диор“ и „Армани“ беа најчестиот избор, додека либанските дизајнери Сааб и Мурад овој пат изостанаа, односно само Бети Гилпин носеше креација на Зухаир Мурад.

Кејт Бланшет и Шарлиз Терон секогаш имаат одлични појавувања на црвениот килим. И овој пат имаа впечатливи креации, но не изгледаа најдобро. Терон носеше корсет и здолниште со плашт, кои ѝ ја издолжија половината, па изгледаше непропорционално, додека Бланшет имаше плисиран фустан со украсни елементи во делот кај градите, што во најмала рака изгледаше чудно на неа. 

Но, без разлика на сè, на листата на најлошо облечени сепак води Селма Хаек. Речиси секогаш нејзиниот избор е „Гучи“, а овој пат одбра фустан кој не можете ни да го забележите од градите. Креацијата на некој друг можеби и би изгледала добро, но на неа изгледа катастрофално. Доколку имате големи гради, ова е изборот кој треба да го избегнувате. 

Неколку од актерките покажаа и смелост и сексапил. Кери Вашингтон беше една од нив. Во сатенско здолниште, со палто кое го носеше на „голо“ и светкав накит, таа ги изненади сите со својот избор. Гвинет Палтроу имаше исто така транспарентна креација од „Фенди“, која не сме сигурни дали ни се допаѓа или не, а можеби поради изборот на боја. И Сиена Милер имаше фустан кој не може секој да го носи, но на неа изгледаше совршено.

Трендот со волуменозни ракави е еден од најактуелните, а тоа се покажа и на црвениот килим. Голем дел од ѕвездите се одлучија да имаат токму таква креација и детали. 

 

Пикантерии...

А кога сме кај црвениот килим, Бијонсе не се појави, иако на Инстаграм го најави своето доаѓање на манифестацијата. Таа пристигнала еден час подоцна и влегла од посебен влез, во ВИП одделот, од каде и ги следела наградите. Инаку, носеше фантастичен фустан од брендот „Скјапарели“, во акцент на ракавите.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Beyoncé (@beyonce) onJan 6, 2020 at 1:05am PST

Покрај ова, таа се најде на пик на медиумите и поради нејзината реакција кога Хоакин Феникс ќе ја добие наградата за најдобар актер. Тој беше поздравен со громогласен аплауз од сите, поточно од сите, само не од Бијонсе. Твитерџиите не го пропуштија овој момент, па ја нарекоа арогантна и љубоморна што дома замина без ниту една награда.

Инаку, таа беше номинирана во категоријата најкреативни песни, со песната „Spirit“ снимена за потребите на филмот „Кралот лав“, но наградата замина во рацете на Елтон Џон за „Love me again“.

А кога го споменавме Британецот, тој се сопна на сцената и предизвика реакции. Исто така, бидејќи не можеше да види и чуе убаво што му зборува суфлерот, на крајот мораше да ги извади очилата и сам да си го прочита говорот.

Расел Кроу, кој ја освои наградата за најдобар актер на телевизија, не присуствуваше на церемонијата со образложение дека е во Австралија за да помогне во борбата против огнената стихија. За климатските промени беше и говорот на Хоакин Феникс, иако тоа веројатно никој не го очекуваше.

Најкоментираната двојка на 77.издание на манифестацијата беа Бред Пит и Џенифер Анистон. Уште кога беше јасно дека и двајцата ќе присуствуваат на „Златните глобуси“, медиуми шпекулираа за тоа дали ќе дојдат заедно. Иако тоа не се случи, сепак сите очи беа вперени во нив. Пит ја прими наградата за Најдобра споредна улога, а Анистон била првата која станала да му аплаудира. 

Тој во говорот се осврна на својот емотивен живот, додека Џенифер будно го следеше тоа што го зборува, а изразот на нејзиното лице беше дел од многу „мемиња“ подоцна.

Погледнете:

 Емотивен беше и говорот на Том Хенкс, кој не успеа да се воздржи и заплака.

 На забавата потоа, се појавија и личности кои не ги видовме во главниот дел, меѓу кои и Сандра Булок, а дел од атмосферата можете да видите од фотографиите во продолжение:

Објавено:
8 јануари 2020
Категорија: 
Сцена
Прочитано:
22.343 пати