Откако во 2001 година доживеа мозочен удар при што одреден период ја загуби способноста за говор, Холивуд ѝ го сврте грбот на етаблираната дива Шерон Стоун. Но, тоа не ја разочара и во меѓувреме се појави во неколку значајни проекти одржувајќи ја кондицијата, како што беше случајот со нејзината провокативна улога во „Mosaic" на Стивен Содерберг.
Годинава Шерон Стоун се враќа со стил на голема врата, иако на малите екрани.
Во тој контекст 62-годишната актерка ќе каже дека нејзините брчки подобро изгледаат на малите ТВ екрани отколку на големото кино платно...
Се работи за серијата „Ratched" која започна со емитување на 18. септември во продукција на Нетфликс и се најавува како нов потенцијален бестселер, а е во режија на Рајан Марфи. Водечкиот лик на главна медицинска сестра во психијатриска болница, го толкува Сара Полсон, а ја следи кастинг што го сочинуваат цела плејада ѕвездени актерски имиња како Синтија Никсон, Фин Витрок, Џуди Дејвис и се разбира Шерон Стоун.
Во оваа драма-мистерија, Шерон има споредна, но исклучително впечатлива и интригантна улога. Комплексен карактер на богата самохрана мајка, Ленор Осгуд, со многу семејни тајни и животни мистерии и постојано во друштво на нејзиното милениче – мајмун што постојано го носи на нејзиното рамо, сегмент што меѓу другите го гради нејзиниот лик.
Колку што е интересен за психолошка анализа, толку нејзиниот лик е атрактивен и за анализирање од визуелен аспект. Крзно, дијаманти, луксуз, мода од 40-те години во најелитно издание, сето тоа добро скроено по мерка на комплексниот карактер на богатата самохрана мајка.
Серијата на IMDB е оценета со рејтинг од 7.3, па доколку преферирате драма-мистерии вреди да се погледне.