60 години од првата насловна на „Вог“: Џејн Фонда за тоа како да останете млади

12 јули 2019

Џејн Фонда има 81 година, но и изглед на кој можат да ѝ позавидат многу помлади колешки. Таа низ годините остана вистинска дама, после три брака, многу филмски улоги и контроверзи што ѝ ги донесе и работата и животот, успеа да ја задржи насмевката и да не ја изгуби самодовербата.

„Вог“ ја прославува 60 годиншнината од нејзиното прво појавување на насловната страна на американското издание. И тогаш и сега изгледа совршено.

За потсетување, славата ја стекна во 60-тите благодарение и на филмските остварувања, но и касетите со аеробик вежби. Минатата година претстави серија вежби за луѓе над 50 години и напиша книга „Prime Time“, за животот и доброто стареење.

„Мораме да ги преиспитаме своите ставови за стареењето. Старата парадигма гласеше: сте се родиле, максимумот го достигнувате во средното животно доба, а потоа се уназадувате. НЕ. Кога на стареењето гледате како чекор напред, со него добивате душа, мудрост, способност да бидете вистински интимни и животот да го живеете со цел. Оваа оптимистична перспектива всушност го почитува процесот на стареење.“

Меѓу другото, во книгата открива и некои од нејзините тајни за грациозно стареење, односно како да си ја продолжите младоста, а кои ви ги пренесуваме во продолжение:

Размислете за тоа од каде доаѓате

„Тешко е да тргнете напред, да знаете како, ако не знаете каде сте биле. Многу време размислував за детството, за разните односи и чувство во својот млад живот, за да можам да разберам која сум денес. Секој треба да си направи „животна рецензија“, да ги ископа своите сеќавања, да се соочи со некогашните демони, за да може потоа да тргне напред“.


Отфрлете го перфекционизмот

Како и повеќето жени, поголемиот дел од својата младост се обидуваат да ја достигнат недостижната „совршеност“. Поради својот татко, уште од мала возраст се чувствувала физички несовршена, што потоа била причина да се бори со булимијата, која започнува во пубертетот.

„Треба да бидете комплетни и целосни, а тоа нема да успееме доколку се обидуваме да бидеме совршени. Ми требаше долго време да го научам тоа“.

Имајте своја моќ

„Секогаш мислев дека, доколку не сум со некој маж, ќе престанам да постојам“, вели Фонда. Но, на 62 години, по разводот со Тед Турнер и седум години без партнер, ја сфатила својата независност и сила. После седум години самотија, повторно се вљубува, но пред речиси две години ја прекинува и таа врска.

„До жените во своите дваесетти и триесетти години, не продавајте се ефтино. Не отфрлајте се себеси“.


Прегрнете ја љубовта во секое животно доба

„Интимноста значи и самооткривање. Кога во еден однос можеме да се впуштиме како целосна личност, тогаш доаѓа до интимност. Љубовта може да биде дури и подобра во третиот чин од животот.


Држете се до својот изглед

Вложувањето во својот изглед може да ви помогне да се чувствувате убаво. Фонда, во својата деветта сезона, не крие дека ја користела естетската хирургија и тоа во делот на подбрадокот и очите, затоа што сакала лицето да не ѝ изгледа виснато и не жали поради тоа.

„Се чувствував прилично убаво, но секогаш изгледав уморно. А бев уморна од тоа да не изгледам онака како што се чувствувам. Пластичната хирургија не е за секого, но ако вложите време и труд и поработите на вашиот изглед, во секоја животна фаза ќе ја поттике внатрешната убавина“.

Движете се

„Кога сте постари, вежбите за тело треба да бидат нешто задолжително. Така ги одржувате коските силни, го подобрувате сонот, го минимализирате стареењето на мозокот кој неактивноста го предизвикува. Дури и редовното пешачење, истегнување и кревањето на лесни тежини, прави неверојатна разлика. Јас сум во осумдесетите и имам вештачки колк, вештачко колено, и не можам да го правам она што некогаш сум го правела. Кога ја увидов важноста постарите луѓе да останат активни, си помислив, има ли подобар од мене да им го покаже тоа?!“.

Кажете му збогум на лошото однесување

Во книгата, Фонда пишува дека геронтологијата смета дека „еден од најголемите предиктори на успешното стареење е да не се злоупотребува алкохолот. Па слично на тоа, со тоа што ќе престанете и да пушите, ќе го намалите внесот на шеќери, преработена храна и заситените масти можат да го продолжат вашиот живот.

„Сега, повеќе од било кога, вие сте она што го јадете. Во зрелите години, внесот на вода мора да биде зголемен, како и оној на овошје и зеленчук и сложените јаглехидрати“, вели актерката.

Со годините, спијте повеќе, а не помалку

Дури и денес, Фонда спие осум до девет часа секоја ноќ, што е како вели, од пресудно значење за обновување на функцијата на хормоните. 

„Длабокиот сон е важен во текот на целиот животен век, но кога сме постари е уште поважен. Со оглед на тоа дека како старееме имаме тенденција да имаме полесен сон, вежбајте во текот на денот, пијте безкофеински напитоци после ручекот и јадете храна со природен трипофан, како што е млекото“, советува Џејн.

Останете заинтересирани

„Дознајте кои сте, за да можете да станете комплетна личност. Потребно е многу храброст за тоа, бидејќи целата култура нè советува дека треба да бидеме вакви или онакви. Обидете се да сте автентични, обидете се тоа да го откриете. И останете заинтересирани за работите околу вас. Тоа е многу поважно отколку да бидете интересни. На тој начин му помагате на мозокот да остане млад“.

Објавено:
12 јули 2019
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
1.862 пати
Тагови: 
Џејн Фонда Вог