Џејн Фонда: Жалам за пласитчните операции, но не можев да прифатам дека стареам

15 февруари 2020

Сите се восхитуваме на тоа како каква енергија поседува 82-годишната актерка Џејн Фонда, но и како изгледа. На последното издание на „Оскарите“, таа се појави со нова фризура во седа нијанса и совршено тело.

Доминираа коментарите дека изгледа како да не старее и дека можат да ѝ позавидат далеку помлади колешки.

Но, во новиот, мартовски број на канадското издание на магазинот „Ел“ таа отворено зборува за процесот на стареење, тема за која беше искрена и во мемоарите што ги објави во 2005 година со наслов „My Life so Far“, потоа книгата од 2011 сосема посветена на стареењето „Prime Time“ и докуменарниот филм од 2018 година „Jane Fonda in Five Acts“.

 

Вели, дека тешко се соочила со фактот дека старее:

„Среќна сум што изгледам добро за годините, но имав пластични операции... Од една страна, го мразам фактот дека сум имала потреба да правам физички корекции за да се чувствувам добро. Посакувам да не беше така... Посакувам да бев похрабра. Но, тоа сум што сум“, вели актерката во документарниот филм, а на оваа приказна се надоврзува и во најновото интервју:

„Не можам да се преправам дека не сум суетна и “празна“, но завршив во пластичните операции. Не сакам повеќе да се сечам. Сепак, морам секој ден да работам на себеприфаќањето. Тоа не е лесна тема за мене“, признава Фонда.

Во документарниот филм актерката потенцира дека сакала „постар“ изглед на лицето. 

„Многу ми се допаѓаше лицето на Ванеса Редгрејв (која е една година постара од неа). Но, не можев да прифатам дека стареам. Се изморив од тоа да изгледам изморено дури и кога не сум“, вели таа.

Таа има вградено имплантанти, кои потоа ги отстрани, но исто така правела и лифтинзи на лице, корекции околу очите и јаболчиците.

Сепак, се гордее со својата искреност, а за „Ел“ изјави дека и социјалните мрежи ги користи со истата доза искреност.

„Објавувам фотографии на кои не изгледам совршено. Но, факт е дека ако признаев порано, ако ја кажев вистината дека не сум среќна, ќе беше универзална тема. Сите проблеми со кои јас се соочував, се блиски на многу жени. Сметав дека не сум доволно добра, дека морам да удоволувам, пред сè на татко ми, дека не сум убава доволно, не сум доволна слаба, ниту доволно паметна“, признава Фонда.

Таа додава дека и времето во кое растела, како и искуствата што ги доживеала оставиле трага врз нејзината личност и себеприфаќањето.

„Јас пораснав во 1950-тите години, а згора на сè, мајка ми се уби, така што постојано се идентификував со мажите, што подразбираше груб индивидуализам, па ми беше прилично тешко да го надминам тоа“, открива актерката.

Сепак, на тој пат на мудроста, вклучувал многу разговори со терапевти и со самата себе. Вели дека за да продолжиш напред, мораш да погледнеш првин наназад.

„Но, мораш да се покажеш кој си, да научиш дека емотивните болки и пречки што си ги собрал од младоста се нешто што не можете да го вратите. Имам психички лузни од кои никогаш нема да можам да се откажам. Но, учиш да се справуваш со нив. Учиш да ги бутнеш во ќош, да ги покриеш и да не им дозволиш да излезат“, споделува Џејн.

Но, социјалните мрежи ги користи и за други цели - борбата против климатските промени.

„Да се биде млад сега е далеку потешко отколку во мое време.Младите денес се оптоварени со многу прашања, а секако дека климатските промени се едни од нив, бидејќи нè засегаат сите директно. Но, ништо добро не се случило или сменило без масовни движења. Потребно ни е масивно движење кое ќе се фокусира на климата“, порачува на крајот актерката.

 

Објавено:
15 февруари 2020
Категорија: 
Sweet 40+
Прочитано:
3.060 пати